На Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените, со официјален настан во Паркот на жената борец, денеска од 19 часот, ќе се означи почетокот на годинешната кампања со слоган „#НемаОправдување – заедно против насилството врз жените и девојчињата“.

Со настанот почнуваат и другите активности што ќе се реализираат во текот на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, што ќе трае до Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември.

Во светски рамки, една од три жени е жртва на насилство. Насилството врз жените и девојчињата постои во разни форми, во кои влегуваат разните психички и физички акти на насилство, кои се случуваат секој ден. Цел на кампањата е да поттикне дискусија, споделување и активно вклучување во борбата против насилството врз жените и девојчињата.

Замислена е да ја рефлектира темата „Обојте го светот во портокалово: Генерацијата еднаквост зазема став против силувањето“, а како носечки симбол на овој настан е целосното портокалово осветлување на Паркот на жената борец. Портокаловата боја е избрана како симбол за посветла иднина, без насилство врз жените, и таа боја е основа за целата кампања, која ќе трае 16 дена.

На настанот ќе присуствуваат многубројни високи владини претставници, како и претставници на мисиите на ОН, Европската Унија и ОБСЕ во Северна Македонија, кои ќе им се обратат на присутните истакнувајќи ја важноста од поактивно вклучување на сите институции и воопшто генералната јавност во борбата против разните форми на насилство врз жени и девојчиња.

Планираните активности за 16-те дена активизам вклучуваат кампања на социјалните медиуми, со објавување разни содржини и едукативни пораки против насилство од разни луѓе, од разни сфери на животот, како нивен знак на поддршка и организирање низа активности, како и дебати и работилници во целата држава.

Следете го хаштагот #НемаОправдување и приклучете се кон единствената цел – општество без насилство врз жени и девојчиња.