127 електронски услуги за граѓаните на едно место

158

Претседателот на Владата, Зоран Заев и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на денешната прес-конференција го промовираа Националниот портал за е-услуги.

Во моментот на порталот за е-услуги се достапни 127 електронски услуги. 57 услуги за првпат се нудат електронски, додека 70 се веќе постоечки. Овој број секојдневно ќе се зголемува.

Како што истакна премерот Заев, на овој начин се исполнува уште едно ветување од програмата за работа на Владата.

– Запишавме дека во третата година од нашиот мандат ќе биде воведен единствен електронски систем на кој ќе бидат поврзани сите државни институции. Целта на овој систем е да ги поврзе системите на институциите за давање јавни услуги и истите да ги обезбеди за граѓаните, преку едно централно место. Ова е уште еден чекор кон остварување на една од најважните реформски зафати, а тоа е реформата во јавната администрација, за создавање стручна и ефикасна, отчетна и транспарентна администрација, која ќе обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и бизнис-секторот и ќе ги заштити нивните права. Граѓаните и бизнис заедницата во центар, а административните службеници и институциите како нивен сервис – рече Заев.
Информациите за голем број на услуги од институциите и на централната, и на локалната самоуправа сега можат да се најдат на едно место. Едноставно достапни, 24 часа секој ден, без лутање низ мноштво на веб страни и портали.

– Наша основна цел е порталот да биде единствената врска на граѓаните со институциите. Затоа направивме да биде пристапен преку било кој мобилен или десктоп уред приклучен на интернет. Порталот е достапен и на албански и на англиски јазик, а објавените услуги се однесуваат покрај на македонските, исто така и на странските државјани. Порталот се состои од јавен и приватен дел. Тоа што е важно за граѓаните е дека јавниот дел е достапен за сите, без потреба од било каква најава или идентификација. Тука можат да се најдат податоци за услугите кои ги обезбедуваат надлежните органи. Приватниот дел е достапен само за регистрирани и идентификувани корисници на Системот за единствена најава. По најавата, граѓаните ќе имаа можност да поднесуваат барања во електронска форма за добивање на е-услуга, да плаќаат за надоместокот и административната такса за е-услуги, да добиваат одговор на барањето и најважно да добиваат електронски услуги – информираше министерот Манчевски.

Министерот ги претстави и начините за регистрација на порталот, според кој за се пристапи до сите можности што ги нуди, претходно е потребно граѓаните да креираат eID профил, а сите оние кои имаат активна корисничка сметка во УЈП, веќе имаат активен eID профил, односно можат да се најават на профилот, користејќи ги корисничкото име и лозинката од УЈП. За нив услугите од порталот се веќе достапни.

На прес-конференцијата се обрати и Фрек Јанмат, од Делегацијата на Европската Унија, од каде што финансиски го поддржаа порталот.