За инцидентот во затворот „Скопје” во Шутка, судот нема надлежност. Точно е дека наш судија во петокот изврши редовна контрола за она што е во надлежност на судот, се интересираше за притворени лица, за текот на постапката, за жалбената постапка…, изјави претседателот на скопскиот Криичен суд, Иван Џолев одговарајќи на новинарско прашање по денешното отворање на Медиа центарот.

-Инциденти се случуваат во казнено-поправните установи и се регулирани со куќниот ред на тие установи. Во таа смисла самата установа располага со мерки за справување со такви проблеми, најчесто тоа се дисциплински постапки. Доколку пак се испостави дека станува збор за некакво кривично дело тогаш надлежност за преземање некакви мерки има јавниот обвинител. Во таа смисла судот во овој случај нема надлежност, рече Џолев.

Тој изрази верување дека Кривичниот совет донел правилна одлука во врска со преиначувањето на мерката притвор со куќен притвор за Миле Јанакиески и дека тоа е аргументирано.

На прашања дали е стигната препорака од Управата за извршување санкции до кривичните судии за случаи кога притвореници не се чувствуват безбедни да се препраќаат во кумановскиот затвор, Џолев рече дека досега не добиле препорака, но додаде дека од Судот инсистираат Управата да се произнесе по однос на затворските услови и да им препорача во кои КПУ се задоволуваат европските стандарди.

– Затворот во Куманово е креиран по сите европски стандарди. Претпоставувам дека и другите казнено -поправни установи ќе се водат по тој пример и ќе ги отстрануваат недостатоците- додаде Џолев.

Директорот на затворот „Скопје“ Ѓоко Котевски најави дека денеска ќе биде доставен извештајот за инцидентот, заедно со неговата оставка, која минатата недела ја побара премиерот Зоран Заев.

-На 21 февруари околу 13 часот за време на редовна прошетка на притвореници дошло до вербален инцидент предизвикан од лицето С.Р. кон лицето Л.К. кој подоцна преминал во лесна физичка пресметка која била веднаш прекината од службите на затворот. Околу 13:45 часот, повторно за време на редовна прошетка на притворениците дошло до друг вербален инцидент предизвикан од лицето М.Ј. кон лицето Е.К. кој подоцна преминал во физичка пресметка која била веднаш прекината од службите на затворот. За двата инциденти прибрани се писмени изјави од очевидци и известен е надлежниот суд- соопштија минатата недела од затворот „Скопје”.

На новинарско прашање дали Судот има право повторно да побара од Собранието да му биде одземен пратеничкиот имунитет на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, Џолев рече дека тоа законот не го третира до крај.

-Колку што ми е мене познато во пракса повторни барања не сме испраќале. Но ќе седнеме сите судии заедно, ќе го прочитаме и ќе видиме кои се следните чекори што ќе ги преземеме- рече Џолев.

Во случајот со  одземањето на имунитетот на поранешниот министер за земјоделство Љупчо Димовски, Џолев рече дека слушнав разни гласини дека „еднаш одземен имунитет е одземен имунитет“ но, како што додаде, станува збор за различни постапки и во таа смисла нема одговор на прашањето.

Во врска со автентичните толкувања од Врховен суд, претседателот ка Кривичниот суд рече дека законот препознава како овластен тужител два субјекта – обвинителството и приватен тужител.

– Во таа смисла сметаме дека Обвинителството, без разлика дали е тоа Обвинителството за организиран криминал или Специјалното јавно обвинителство се надлежни, но сепак се постапува внимателно за да не се наштети на постапката, се преземаат итни мерки како што налага Законот за кривична постапка- додаде Џолев.