На неодамнешниот светски самит за борба со тероризмот, кој се одржа месецов во Израел, овие нови терористи добија кодно име муџахедини 2.0, што во компјутерската терминологија се користи за надградена верзија на програми. Безбедносните експерти, пак, се едногласни дека нивното дејствување може да предизвика дури и поголема штета за една земја отколку т.н. класични терористи што војуваат со оружје во рака

Авиосообраќај, финансиски трансакции, банкарски и сообраќајни системи,
бази на важни информации, државни електронски податоци можат да бидат во фокусот на дејствувањето на сајбер-терористите. Заканите од сајбер-тероризмот станаа актуелни, во домашната и во регионална јавност, по пишувањата на голем број светски медиуми дека балканските држави во моментов треба повеќе да стравуваат од интернет-терористите отколку од повратниците на боиштата на Блискиот Исток.
Така, интернет-порталот „Балкан инсајт“ посочува дека откога Исламската држава го изгубила својот калифат на Блискиот Исток, нејзината идеологија во моментов живее на интернет најчесто меѓу Албанците во балканските држави.

За тоа какви може да бидат евентуалните закани кон нашата земја и во кој обем, побаравме одговор од безбедносни експерти и од познавачи на оваа проблематика.
Во сублимиран заклучок соговорниците со кои се консултиравме велат дека е разбирлива загриженоста на државите од регионот, а со тоа и на Македонија од заканите на терористите во сајбер-просторот.
Според аналитичарите, овој нов вид терористи, според ризиците што ги носат во нивното дејствување, можат да предизвикаат дури и поголема штета за една земја отколку т.н. класични терористи што војуваат со оружје во рака.

Пецо Трајковски од форумот за истражување безбедносни политики „Секуритас“ истакнува дека сајбер-тероризмот претставува една од главните глобални закани на современата безбедност и од него се ранливи сите држави, тука вбројувајќи ја и нашата.
Според Трајковски, Исламската држава, која во моментов е поразена на терен, сите свои капацитети и сили ги префрла во сајбер-просторот од каде што се обидува да ја финансира организацијата, да шири пропаганда, но и да спроведува голем број терористички операции насочени кон рушење на електронските и технолошките системи на нејзините противници.

Аналитичарот вели дека овие констатации се дел од последните заклучоци на неодамнешниот светски самит за борба со тероризмот, кој се одржал месецов во Израел.
На самитот овие нови терористи, вели Трајковски, добиле кодно име муџахедини 2.0 што во компјутерската терминологија како термин се користи за надградена верзија на програми, а од тука е и разбирлива неговата симболика за терористите.
– Токму поради големата низа закани што ги има овој тип тероризам, системи за заштита од ваков вид напади поседуваат меѓународните организации како НАТО и ЕУ, но и развиените држави како што се САД, Кина, Русија, Велика Британија и други – вели Трајковски.

Тој објаснува дека практично во моментов НАТО, од кое Македонија наскоро ќе биде дел, е единствената организација што на систематски и на стручен начин се занимава со заштита од овој тип тероризам и поседува развиен систем на контрамерки од овие закани по одбраната.
– Сајбер-тероризмот е значаен потсистем на сајбер-војувањето и е многу потежок за откривање и спротивставување, бидејќи е скоро неможно да се одреди кој преку интернет ги напаѓа државата или институцијата и кој стои зад финансирањето на овие компјутерски операции – вели Трајковски.

Безбедносниот експерт истакнува дека според дефиницијата на поимот сајбер-тероризам се подразбира предумислен мотивиран електронски напад против информации, компјутерските системи, програми во сопственост на одредена држава.
Аналитичарот истакнува дека сајбер-терористите имаат широка палета цели што би можеле да ги нападнат во нашата земја доколку не бидат навремено превенирани.
– Дејствувањето на сајбер-терористите може да биде насочено спрема информациите и информативните системи на една држава што им даваат поддршка на цивилните и воените структури. Во таа смисла на зборот терористите на интернет можат да целат на датотеките на податоци на државата, електронските документи, тие можат да го забават или уништат дејствувањето на државните системи за регулирање сообраќај, платежните трансакции што се вршат преку интернет и многу други области – вели експертот.

Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски вели дека сајбер-терористите можат да спроведат активности, кои ќе бидат насочени првенствено кон разнебитување на компјутерските мрежи што се пресудни за функционирање на цивилните и воените системи како и контролата на авиосообраќајот, стоковните берзи, меѓународните финансиски трансакции, логистичките потреби и цели.
– Сајбер-тероризмот, всушност, е нова закана што овозможува остварување на целите на напаѓачот со помош на информатичка опрема и комуникациски средства. Во оваа смисла на зборот, не се потребни класична војска и средства за напад, туку во оваа сајбер-војна и во сајбер-тероризмот учествуваат поединци што се добро едуцирани и кои се дел од глобалната мрежа – вели Марковски.

Аналитичарот вели дека војувањето со информации без сомнение ќе претставува начин на кој ќе се бијат битките во иднината, тогаш од оваа констатација логично е да се заклучи дека и тероризмот или џихадизмот суштински ќе се трансформираат од вистинскиот живот во сајбер-просторот за да се исполнат целите на радикалните организации што стојат зад овие милитанти.

[email protected]