Претседателот на Собранието, Талат Џафери, и делегацијата го посетија Павилјонот на Македонија на Експо 2020 Дубаи, најголем меѓународен настан на кој учествуваат над 190 земји, а се очекуваат над 25 милиони посетители.

Во периодот од 1 октомври 2021 година до 31 март 2022 година, земјата е претставена на ЕКСПО 2020 во Дубаи, со слоганот „Дом на секој чекор”, а под мотото „Нови можности”.

Како што истакна Бекри Ајдини, генерален комесар за Република Северна Македонија на Дубаи Експо 2020, земјата со сопствен павилјон се презентира како успешна приказна, земја со богато историско и културно наследство, каде во хармонија живеат различни етнички заедници. Претставена е како атрактивна туристичка дестинација во сите четири сезони, што нуди можности за авантуристички спортови и највкусна храна. Посебен акцент е ставен на презентирањето на земјата како дестинација на можности за странски инвестиции, бизнис поволности и економска и трговска соработка. Со дополнителни панели се претставени и слободните економски зони, можностите за соработка во земјоделството, енергетиката и сл.

Во текот на презентацијата, Ајдини подвлече дека интересот на компаниите од Република Северна Македонија за учество на Експо 2020 Дубаи е на задоволително ниво, а нивното преставување генерално се одвива преку нашите стопански комори. Предвидено е учество на компании од земјава од сродни сектори во согласност со програмата и неделите на ЕКСПО 2020 Дубаи. Ќе биде максимално искористена и иницијативата „Отворен Балкан“ за блиска соработка помеѓу павилјоните на Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија, во рамките на Експо 2020 Дубаи.

Република Северна Македонија ќе биде во центарот на светската јавност на 22 февруари 2022 година, кога во рамки на ЕКСПО 2020 Дубаи ќе се одржи централна културна манифестација и бизнис форум за промоција на инвестициските можности.

Како гест на срдечно гостопримство, од страна на домаќините беше организирана и посета на Павилјонот на ОАЕ и на Павилјонот на Саудиска Арабија.