Меѓународните стандарди за заштита на човековите права и слободи и владеењето на правото, налагаат работењето и овластувањата на овие служби да биде дефинирано со закони, кои се јасни и лесно разбирливи. Вториот услов е развиена и ефикасна парламентарна контрола. Ако немаме владеење на правото и ефикасна парламентарна контрола, овие сектори, наместо да ја гарантираат безбедноста на државата, можат да станат генератори на кризи. За жал, аферата со прислушувањето, која се појави на почетокот на 2015 година потврди дека без ефикасен парламентарен надзор врз безбедносните и разузнавачките системи, тие прераснуваат во значајна алатка на авторитарно владеење на тесна група луѓе, а во исто време и за задоволување на нивните лукративни интереси. Затоа, нашите меѓународни пријатели јасно препорачаа дека се потребни коренити реформи во безбедносниот и разузнавачкиот сектор, за да се зајакне ефикасноста на контролата врз овие служби. И тоа, почнувајќи од внатрешната контрола, која барем формално ја има во надлежните министерства, потоа извршната власт односно Владата, а посебен акцент во препораките беше ставен на парламентарната контрола и независните експертски тела, кои се надвор од парламентот. Во Собранието има три комисии што се занимаваат со оваа проблематика, односно можат да вршат надзор врз безбедносните и разузнавачките служби.

Тоа се, Комисијата за одбрана и безбедност, Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање и Комисијата за надзор над имплементацијата на специјалната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана. Следејќи ги европските практики и препораки, со последните две комисии претседава претставник од опозицијата. Новиот Закон за следење на комуникациите, кој го донесовме во 2018 година има неколку новини, меѓутоа пред тоа морам да истакнам еден друг, според мене многу важен аспект а тоа е максималната конструктивност и придонесот на опозицијата во процесот на донесување на овој закон, кој беше донесен со висок степен на консензус. Во однос на новините во законот, првата е формирањето на Граѓанскиот совет за надзор, тело што е надвор од парламентот, но кое во својата работа е тесно поврзано со Собранието, особено со веќе спомнатата Комисија за следење на комуникациите. Новина е и фактот што сега секој граѓанин што се сомнева дека му се следи комуникацијата, може да поднесе претставка до Советот, кој заедно со надлежната комисија ќе треба да утврди дали имало прекршок.