Фото: Игор Бансколиев

Истрагата следува откако до инспекторатот за земјоделство беше доставена документација во која се посочуваше на злоупотреби од страна на концесионерот „Летница белвица“, а работата на концесионерот ја чешлаат и трудовиот и пазарниот инспекторат

До крајот на оваа недела би требало да бидат познати резултатите од истрагата на Државниот инспекторат за земјоделство врз работењето на концесионерот за Охридско Езеро, фирмата „Летница белвица“, а доколку се потврдат обвинувањата за злоупотреби изнесени од страна на дел од рибарите, на актуелниот концесионер би можело да му биде одземена концесијата.
– Направен е увид и она што ќе го добијам во извештаите ќе биде јавно објавено. Да не прејудицирам, но доколку има прекршувања единствен начин за уредување на прашањето ќе биде раскинување на договорите за концесија – рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.

Истрагата следуваше откако до инспекторатот беше доставена документација во која се посочуваше на можни злоупотреби од страна на концесионерот „Летница белвица“, а покрај инспекторатот за земјоделство, работата на концесионерот ја чешлаат и трудовиот и пазарниот инспекторат.

Истите документи беа доставени и до Државната комисија за спречување корупција, која наскоро треба да го разгледа овој случај.
За наводното незаконско работење од страна на концесионерот, како што „Нова Македонија“ веќе пишуваше, алармираа некои од рибарите од охридско-струшкиот регион, кои тврдат дека риболовот на диво се изведува од организирана група, а рибочуварите ангажирани од концесионерот или замижуваат на оваа негативна појава или, пак, и самите се учесници.

Десетина рибари од струшко Радожда, кои беа ангажирани од концесионерот, во изјава за „Нова Македонија“ рекоа дека се изиграни од фирмата, која во моментов стопанисува со Охридско Езеро и е во сопственост на стружанецот Милорад Чавкоски. Тој истовремено е управител и на „Пастрмка – 2013 Струга“, која, пак, е подружница на „Пастрмка 2012“, компанија што лани остана без концесијата поради непорибување на езерото и неисплатени обврски кон државата.

Откако нивните апели и укажувања преку медиумите не дале плод, тие решиле да ги информираат и надлежните државни служби.
– Ваков грабеж, ваков криминал не се случува секој ден. Ни ја откупуваат рибата за 100 денари, а подоцна во нивните ресторани и рибарници ја продаваат за 500 денари. Згора на тоа, нè тераат да ловиме и на црно, за тие да остварат што поголем профит и да се луксузираат купувајќи џипови и автомобили. Прикажуваат дека се уловени два тона риба, а нè тераат да ловиме по шест до седум тони. Нам ни даваат понекое ливче за предадената риба, а пари потоа не гледаме или, пак, она што ќе ни го исплатат е многу помалку од договореното – револтирано вели еден од рибарите од Радожда, кој посака да остане анонимен.

Тој додава дека иако шест години работи за концесионерите, не е осигурен и има помалку од една година работен стаж.

Во Државната комисија за спречување корупција потврдуваат дека добиле документи од рибарите во кои се посочува на можни злоупотреби.
– За проблемите со концесионерот за Охридско Езеро пред извесно време беше доставен цел предмет. Во моментот претседателката на антикорупциската комисија е на пат и по нејзиното враќање, веројатно, ќе се разгледува овој предмет, по што Државната комисија за спречување корупција ќе се произнесе – вели Горан Трпеноски, член на антикорупциската комисија.

Концесионерот Милорад Чавкоски, пак, само кратко изјави дека е запознаен со обвинувањата што кон него ги упатуваат рибарите, но тврди дека се неосновани.
– Не знам зошто го прават тоа, на крајот на краиштата има институции, има државен инспекторат што може да провери дали се работи законски – беше дециден Чавкоски, без да наведува други детали.

Фото: Игор Бансколиев