Формирањето регистар на професионални онлајн-медиуми, со кој ќе ѝ се посочи на јавноста кои медиуми ги исполнуваат професионалните критериуми, се придржуваат до новинарскиот кодекс и имаат транспарентно сопствеништво и импресум, најавија вчера од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Стопанската комора и Советот за етика во медиумите, кои за тоа потпишаа меморандум за соработка.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, рече дека со потпишувањето на меморандумот за соработка почнува процесот на препознавање на професионалните медиуми и на таканаречените медиуми што имаат за цел да шират невистини и да дезинформираат.

– Борбата со дезинформациите и неквалитетното новинарство мора да почне од нас, бидејќи доколку не го направиме тоа, може да дојде до регулација на онлајн-медиумите, а тоа претставува и ризик за ограничување на правото на слобода на изразување. Ваквиот вид евидентирање ќе ѝ помогне и на бизнис-заедницата за да знае во кои медиуми треба да се рекламира и огласува, бидејќи и тие сакаат да го помогнат, а и имаат општествена одговорност за да го поддржат постоењето на квалитетните медиуми – посочи Чадиковски.

Тој појасни дека процесот на изработка на критериумите за регистарот на онлајн-медиуми ќе биде инклузивен, а преку одржување консултативни средби со новинари и претставници на бизнис-заедницата во Скопје, но и во поголемите градови во државата, каде што ЗНМ има регионални центри, ќе се дојде до најквалитетните решенија.

– Во периодот што следува сите наши членови и медиуми навремено ќе бидат информирани околу активностите што ќе бидат преземени, а исто така ќе бидат поканети активно да дадат свој придонес за зајакнување на медиумската саморегулација, пред сѐ во сферата на онлајн-медиумите – додаде Чадиковски.
Потпретседателката на Стопанската комора на Македонија, Јелисавета Георгиева Јовевска, рече дека се надеваат дека регистарот на онлајн-медиуми ќе биде основа на воспоставување на соработката, бидејќи на тој начин платформата на пренесување на проблемите на компаниите би била унифицирана, односно застапена како единствен проблем во моментот што го има компанијата или одредена фела.

Претседателката на Управниот одбор на Советот за етика во медиумите, Катерина Синадиновска, рече дека дел од нивната мисија се однесува и на намалување на тужбите кон новинари, следејќи ги препораките од Стразбур и европските добри практики.

– Нашата статистика од минатата година покажува дека во 77,7 проценти од случаите кога сме имале претставки до нас тоа се однесувало на текстови што се надвор од професионалните стандарди токму во интернет-порталите. Тоа не изненадува. Тој начин на информирање, тој начин на новинарство, што не можам ни да го наречам новинарство, прави огромна штета – објасни Синадиновска.