Јавното претпријатие „Национални шуми“ планира пошумување во Велешко по шумските пожари што летово го зафатија овој регион. Со активностите е планирано да се почне веднаш штом ќе се создадат услови за подготвување на почвата за пошумување, а во меѓувреме ќе се врши чистење на опожарената дрвна маса.
Директорот на „Национални шуми“, Зоран Ѓорѓиев, на вчерашната прес-конференција информира дека пошумувањето ќе се изведува во согласност со Законот за шуми, односно по добивањето согласност од Инспекторатот за шумарство.

– Планираме да почнеме веднаш со санирање на таа површина, а пошумувањето ќе го вршиме во есенско-пролетниот период – рече Ѓорѓиев.
Тој ги повика сите градоначалници и локални самоуправи да се вклучат во овој план за да се обноват што е можно поголеми површини. За спроведување на овие мерки, ЈП „Национални шуми“, како што рече, е во координација со ресорното министерство и ќе најдат финансиско решение за оваа вонредна состојба.

Како што информира Ѓорѓиев, ЈП „Национални шуми“ секоја година во согласност со годишната програма за работа планира одредени мерки, а најголем акцент се става на пошумувањето. Во 2018 година во есенскиот и пролетниот период е пошумена површина од 824 хектари и се засадени 1.700.000 садници. Со годишната програма за 2019 година се предвидени 900 хектари пошумување, со околу два милиони садници.
– Покрај нашите редовни пошумувања за есенскиот период, во согласност со новонастанатата состојба со огромниот број пожари, тимот од јавното претпријатие задолжен за санирање на опожарените површини и нивно пошумување работи на подготвување брз и координиран план за масовно пошумување и обновување на шумскиот фонд, а со тоа и враќање и ревитализирање на површините што значеа живот за некои градови, како што е пожарот во околината на езерото Младост – објасни Ѓорѓиев.

Тој потсети дека летово, особено во јули, имаше повеќе шумски пожари. Сѐ уште е активен пожарот на територијата на Радовиш, а имаше поголеми пожари и во Охрид, Крива Паланка, Кичево, Скопје и други места, каде што, како што рече, главно поради невнимание при палење стрништа се предизвикуваа пожари.
– Нашите вработени први излегуваат на опожарените места и се обидуваат да ги стават под контрола, а потоа се организираат и другите институции и пожарите се смируваат, но последиците остануваат. Се надеваме дека ваков случај нема да се повтори и јас уште еднаш апелирам да ги зачуваме нашите шуми. Овој апел се однесува до сите граѓани што влегуваат во шума да го прават тоа со големо внимание и почит кон шумата – порача Ѓорѓиев. П.Р.