Целта на Предлог-законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, кој вчера беше усвоен на владина сеедница, е усогласување со одредбите од четвртата ЕУ Директива за спречување на употребата на финансискиот систем за перење пари и финансирање на тероризам од 2015 година.

– Согласно оваа директива, меѓу другото, се прецизираат и усогласуваат одредбите кои се однесуваат на вистинските сопственици и се предвидува воспоставување на регистар на вистински сопственици во рамки на Централниот регистар на РМ, информираше денеска на прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски.  

Со тоа се предвидува обврска за правните лица да поседуваат, чуваат и да ги впишат во регистарот на вистински сопственици податоците за нивните вистински сопственици, и се намалува износот на забраната за вршење на готовински плаќања од 15.000 евра на 2.000 евра.

Според Бошњаковски, овој закон содржи има три клучни компоненти.  

– Првата е дека во 2014 година биле направени измени и од Законот се изземени носители на јавни функции да бидат под зајакнати контролни механизми за можност за перење на пари.  Ние ова го изменивме и проширен е опсегот на именувани функционери врз коишто ќе бидат применети зајакнати механизми, ќе бидат проверувани за можност за перење пари- рече Бошњаковски. 

Втората работа, според него, е тоа што правните лица во регистарот ќе треба да ги впишат вистинските сопственици.

– Во моментов Централниот регистар нема обврска да има информација кое лице е вистински сопственик  на фирмата.  Со новиот закон се предвидува оваа обврска. Ова е клучен момент. Не може фирма, правно лице да биде вистински сопственик на друго правно лице, ќе мора да постои податок  во Централниот регистар кој со име и презиме е мнозински сопственик- рече Бошњаковски.

На седницата се утврдени и измените на Законот за трговски друштва со кои се предвидува да се изврши бришење на одредбите за тајни друштва за да се зголеми транспарентноста во правниот промет и да се намалат можностите за даночно затајување.