Министерството за здравство во соработка со Фондот за здравство во рок од една година треба да изработи национална стратегија за електронско здравство, со акциски план. Информацијата за подготовка на национална стратегија е усвоена денеска на седница на Владата.

Електронското здравство е систем за обезбедување вистински здравствени информации на вистинската личност на вистинското место и време во безбедна, електронска форма за да се оптимизира квалитетот и ефикасноста на здравствената заштита, истражувањето, образованието и знаењето.

– Донесување на национална стратегија за електронско здравство ќе значи воспоставување на главните насоки, како и планирање на детални чекори што се клучни за постигнување на долгорочни цели како што се универзален пристап до грижа, ефикасност во здравствениот сектор, реформи или друга пофундаментална трансформација – се наведува во соопштението од владината прес-служба.