Фото: Игор Бансколиев

И покрај навидум спроведената правдина, по едногодишна правна постапка, во случајот со избор на декан на Стоматолошкиот факултет, целата ситуација многу сликовито говори за концентрираноста на моќта на универзитетската управа. Имено, ректорот, кој има можност да биде двапати избиран на таа функција, за мандат од по четири години, истовремено е и претседавач на универзитетскиот сенат

Случајот со избор на декан на Стоматолошкиот факултет, при универзитетот „Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, навидум има резултирано со „среќен крај“, ако на тоа се гледа од аспект на задоцнета, но достижна правда. Имено, сегашниот декан на Стоматолошкиот факултет, Киро Ивановски, по едно и полгодишно истерување правдина за регуларноста на својот избор во декември 2016 година, сега е на функцијата за која своевремено се има кандидирано. Но, сепак, и понатаму се во тек судските постапки во кои се инволвирани универзитетот, како правен субјект, и ректорот Никола Јанкуловски, како одговорно лице. Целиот овој случај, како и уште еден сличен (избор на директор на Институтот за земјотресно инженерство – Скопје), отвора простор за преиспитување и корекција на сѐ уште актуелниот Закон за високо образование, според кој е овозможена централизираност на моќта на ректорот на универзитетот, а и на деканите на факултетите за носење индивидуални одлуки.

Контроверзноста на случајот на сегашниот декан на Стоматолошкиот факултет, Киро Ивановски, започнува кога наставно-научниот совет на оваа образовна институција со мнозинство гласови, шест месеци пред истекот на мандатот на претходниот декан (во законски одреден рок), го избира за кандидат за декан на крајот од 2016 година. Тогашниот, сѐ уште актуелен декан ја доставува одлуката за избор на кандидат за декан до ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, кој треба да го потврди или да го одбие изборот. Во законот нема одреден рок според кој ректорот треба да се изјасни за изборот на научно-наставниот совет, но во практиката изјаснување се случува до наредната седница на Универзитетскиот сенат, кој се одржува минимум еднаш месечно. Но ректорот не се изјаснува никако (ниту го потврдува, ниту го одбива изборот на наставно-научниот совет) сѐ до истекот на мандатот на дотогашниот декан на Стоматолошкиот факултет. Всушност, ректорот ни тогаш не се изјаснува за изборот на декан од страна на наставно-научниот совет на Стоматолошкиот факултет, туку едноставно го пренебрегнува и на 28 април 2017 г., со одлука назначува друг в.д. декан, кој добива задача да спроведе нова постапка за избор на кандидат за декан, во рок од шест месеци.

Претходно избраниот кандидат за декан Киро Ивановски, чиј избор на некој начин е игнориран од ректорот, во меѓувреме се обраќа со претставка до Државниот просветен инспекторат при Министерството за образование и наука, кое издава решение за поништување на одлуката на ректорот за в.д. декан на Стоматолошкиот факултет и му наложува на ректорот да се изјасни за одлуката за избор на декан на наставно-научниот совет, односно или да ја прифати или да ја отфрли. Но ректорот не постапува ниту по решението на Државниот просветен инспекторат. Инспекторатот излегува во контролен инспекциски надзор, во кој констатира дека ректорот нема преземено ништо од тоа што е наложено во решението и упатува покана за порамнување.

Со прифаќање на грешката, ректорот и универзитетот би платиле половина од глобата, во рок од осум дена. Но од страна на универзитетот никој не доаѓа на порамнувањето, па Државниот просветен инспекторат доставува барање за поведување прекршочна постапка за универзитетот и ректорот, до Основен суд Скопје 1. По два месеца судот носи пресуда во која се прогласени за виновни и одговорното и правното лице, односно ректорот и УКИМ. И покрај пресудата на Основен суд Скопје 1, ректорот и понатаму не постапува според решението на Државниот просветен инспекторат, од каде што понатаму поднесуваат кривична пријава за ректорот до Основното јавно обвинителство, за нарушување на угледот на универзитетот и нарушување на угледот на избраниот кандидат за декан. Но Основното јавно обвинителство не поведува кривична постапка, поради тоа што УКИМ и ректорот Никола Јанкуловски веќе се прогласени за виновни за истото дело во прекршочна постапка. На таквата одлука на ОЈО, Државниот просветен инспекторат поднесува жалба до Вишото јавно обвинителство и до претседателот на Основното јавно обвинителство, на крајот на март 2018 година. Во меѓувреме, и ректорот на УКИМ и универзитетот се жалат на пресудата со која се прогласени за виновни од Основен суд Скопје 1 до Апелацискиот суд.

Паралелно со битката низ судските лавиринти, се случува своевидна блокада во работата на Стоматолошкиот факултет. Во време на шестмесечниот мандат на в.д. деканот не може да се состави наставно-научниот совет, па не може да се донесе ниту легитимна одлука за упис на студенти во прва година на студии, за учебната 2017/2018 година. Сепак, по истекот на мандатот од шест месеци, Киро Ивановски е поставен прво за в.д. декан, а по еден месец универзитетскиот сенат го потврдува неговиот избор за декан.

И покрај навидум спроведената правдина, по едногодишна правна постапка, во случајот со избор на декан на Стоматолошкиот факултет, целата ситуација многу сликовито говори за концентрираноста на моќта на универзитетската управа. Имено, ректорот, кој има можност да биде двапати избиран на таа функција, за мандат од по четири години, истовремено е и претседавач на универзитетскиот сенат. Може сам да донесува одлуки во врска со функционирањето на факултетите, пренебрегнувајќи ги одлуките на наставно-научниот совет… Тие можности се дадени според сѐ уште актуелниот Закон за високо образование. Според новиот закон, кој е влезен во собраниска процедура на разгледување, предвидено е мандатите на ректорот на универзитетот и на деканите на факултетите да траат по три години, со можност за уште еден реизбор. Исто така, според новиот предлог-закон за високо образование, ректорот не би бил и претседавач на универзитетскиот сенат. Таквите измени се предложени во функција на децентрализација на моќта во високото образование.