Министерството за животна средина и просторно планирање започна со реализација на активност за „Изработка на студија за изводливост за воспоставување на центар за згрижување на повредени и запленети диви животни во Република Северна Македонија“, активност која се спроведува во рамки на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – фаза 2 (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (Swiss Agency for Development and Cooperation – SDC), координиран од „Фармахем” од Скопје.

Во текот на изминатите години во повеќе наврати на подрачјето на државата евидентирани се случаи на повредени диви животни. Честопати причина за вакви случувања се прекинатите биокоридори за миграција на дивите животни со развојот на патната инфраструктура, изградба на енергетски и хидроенергетски објекти, рударски активности, пожари, поплави, но и незаконско ловење и фаќање на животните со замки. МЖСПП, како надлежно државно тело за спроведување на Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени диви растителни и животински видови (CITES), има региструрано случаи на нелегална меѓународна трговија и промет со диви видови, нивни делови и деривати на територија на нашата земја, каде запленетите диви животни мора да се одземат и соодветно да се згрижат.

Оттука се наметна потребата од воспоставување Центар за згрижување на повредени и запленети диви животни во по примерот на Европските држави. Имплементатор на активноста е приватна компанија ДЕКОНС ЕМА која има ангажирано национални и меѓународни експерти.