Фото: Игор Бансколиев

Главна цел на новиот закон за моторни возила е да се намали увозот на половни автомобили со висока емисија на штетни гасови и со тоа да се влијае врз намалувањето на загадувањето на воздухот. Новите давачки ги поделија увозниците на нови и на половни возила

Од 1 јануари во Македонија стапи во сила посебен данок за возила, чија главна цел е да се намали увозот на половни автомобили со висока емисија на штетни честички и со тоа да се влијае врз намалувањето на загадувањето на воздухот.
Повисоките давачки за возилата што загадуваат би требало да ги демотивираат граѓаните од купување постари дизел-автомобили и нивно свртување кон новите и еколошки возила.
Новиот данок за возила се состои од две компоненти, првата се однесува на вредноста на возилото, додека втората го зема предвид влијанието на возилото врз животната средина, ориентирајќи се стандардно според емисијата на јаглерод диоксид што е хомологирана и пријавена од страна на производителот.
Со воведувањето на новиот данок се укинува плаќањето на акцизата, која досега за возила со вредност од 8.500 и 12.000 евра изнесуваше три отсто.

Од 1 јануари 2020 година, возилата што вредат до 10.000 евра се ослободени од плаќање данок, односно од првиот дел од данокот што се однесува на вредноста на возилото.
Она што е ново сега е екокомпонентата, која ќе се пресметува според количеството јаглерод диоксид што се испушта, а таа се множи со коефициент што е однапред утврден. Истиот тој е различен за бензинските и за дизел-агрегатите. Така, на пример, возилата што испуштаат меѓу 171 и 190 грама јаглерод диоксид на километар ќе плаќаат по 160 денари за секој грам, ако станува збор за возило со бензински мотор, под услов нивната вредност да не надминува 10.000 евра.
Во случај на дизел-мотор, секој грам чини по 220 денари. За дизел-автомобил што испушта 173 грама јаглерод диоксид на километар, данокот ќе се добие откако 173 ќе се помножи со 220 денари, при што ќе се добие 38.060 денари за данок.

– Разликата во еколошката категорија на возилата ќе се отслика во висината на данокот и кога станува збор за возила со дизел и бензински мотори. Возило со иста вредност и иста емисија на јаглерод диоксид, ако е со бензински мотор, ќе плати помал данок. На пример, за сите возила со вредност до 10.000 евра и емисија на јаглерод диоксид од 130 грама на километар, ако се со бензински мотор, данокот ќе изнесува 6.500 денари, а ако моторот е дизел, двојно повеќе – појаснуваат од Министерството за финансии.
За електричните автомобили нема да се плаќа данок, додека за плагин-хибридите ќе се плаќаат 50 отсто од пресметаната вредност, додека данокот за хибридите ќе се плаќа во целост.

Вредноста на еколошката компонента во 2021 година ќе изнесува 25 отсто, додека од 12 јануари 2022 година таа ќе биде 50 отсто.
– Новиот закон за данок на моторни возила е прв закон за оданочување возила што не води сметка само за висината на приходите во буџетот туку првпат се вградува компонента што ја стимулира набавката на еколошки возила и со тоа придонесува за намалување на загадувањето. На тој начин се стимулира обновата на возниот парк на систематска основа, што е многу важно, затоа што староста на возниот парк во државата е меѓу 15 и 18 години – посочи министерката за финансии Нина Ангеловска, презентирајќи ги новите даночни промени.

Некои од увозниците на нови возила сметаат оти овој нов закон за оданочување на автомобилите нема да влијае врз цените на новите автомобили, туку дека со него само се штитат трговците со половни возила.
– Овој закон е направен за половните возила, а не за новите. Со него само дополнително се мотивира увозот на половни дизел-автомобили, бидејќи не се направи никакво ограничување. Лично не сметам дека се прави нешто во насока на заштитата на животната средина, бидејќи ние немаме проблем со јаглерод диоксидот што го испуштаат автомобилите, туку со ПМ-честичките што се предизвикани од други загадувачи, а што е светски глобален проблем – вели претставник на автокуќа што побара да остане анонимен.

Според возниот парк во државата, се проценува дека просечната емисија на јаглерод диоксид е околу 170 грама на километар. Границата што е поставена за производителите на нови возила за 2020 година во ЕУ е 95 грама јаглероден диоксид на километар. Во моментов просекот во земјите на ЕУ е 130-140 г/км CO2. На ниво на ЕУ, автомобилите се одговорни за околу 12 отсто од вкупните емисии на јаглерод диоксид.