Јавниот обвинител, Љубомир Јовески, најави поеднинечно оценување на работата на јавните обвинители преку систем за утврдување на резултатите на обвинителите.

– На овој начин ќе се евидентира работата и ќе се детектираат слабостите во работењето на секој јавен обвинител со единствена цел, зголемување на ефикасноста во постапувањето – рече тој.

Во своето годишно обраќање, тој истакна дека 2019 е година во која се докажало дека Обвинителството самостојно работи и одлуките не се носат во нечии кабинети.

– Потребно е носење на нов закон за Јавно обвинителство, но тој мора да биде квалитетен и издржан. Подобро е да не се донесе закон, отколку да се донесе лош закон – рече Јовески.

Во оваа година биле подобрени просторните услови на 11 основни јавни обвинителства, а од тие 11, три ќе добијат нови комплетно опремени простории. Јавниот обвинител се пофали дека за разлика од минатото, сега Обвинителството е потранспарентно и истакна дека за разлика од порано, сега се постапува и по сопствена иницијатива.

– Еден од принципите за кој особено инсистирам е транспарентноста. Имаме редовна и навремена комуникација со медиумите.Вие новинарите сте поддршка за нашата работа – рече Јовески.

Според Јовески, доказ дека никој не е над законот се постапките покренати против јавен обвинител, судија, пратеник, службени и одговорни лица.

– Еден од големите предизвици беше опасноста предметите од СЈО да пропаднат, затоа донесовме одлука за преземање на овие предмети. ЈО од СЈО презема три предмети по кои е донесена правосилна пресуда, два предмети за кои е донесена првостепена пресуда, 20 предмети кои се во фаза на судење, 19 предмети по кои се спроведува истрага, 6 предмети кои се во предистражна постапка, 80 други предмети кои се однесуваат на предистражна постапка и дел по барање за воспоставување надлежност, 38 по кои се спроведува финансиска истрага и три предмети по вондредни правни лекови – рече Јовески.