Шефицата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Катица Јанева, на која на 15 септември ѝ истекува мандатот, два ипол часа го презентираше шестмесечниот извештај за работата на СЈО, пред Советот на јавните обвинители.

Јанева по седницата рече дека членовите на Советот биле задоволни и рекле дека извештајот е исцрпен со многу детали.

– Не се интересираа за конкретни предмети, туку за бројките – рече Јанева. Таа додаде дека ако ја викнат, ќе го презентира извештајот на СЈО и во Собранието.

Во врска со вештачењето на бомбите кои беа пронајдени кај Љупчо Палевски и Захир Бекири Чауш, рече дека предметот се работел, ама документацијата била многу обемна и оти вештачењата не биле завршени.

– Уште немаме јавнообвинителска одлука – рече Јанева.

Обвинителката на прашање за бомбите кои се објавуваат од Фејсбук профилот на Ел Чека, не беше конкретна.

– Па тие се јавно објавени, може да си ги преземе од Јутјуб – рече Јанева.

Законот за Јавно обвинителство, со кој се регулира статусот на СЈО, сè уште е во ќор-сокак. Според последните информации, нема нови средби на работните групи поврзани со Законот кој треба да го осигура опстанокот на отворените истраги и генерално, работата на ова обвинителство.