Проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев

Раководејќи се од професионалниот интегритет и личните принципи, ја известувам македонската јавност дека од денес ја напуштам работата во заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Македонија и Република Бугарија, истакна професор д-р Ванчо Ѓорѓиев, образложувајќи ги причините за неговата одлука. Во продолжение го пренесуваме неговото соопштение до јавноста.

Одлуката е мотивирана од следниве околности: ​

1. Во последно време имаше отворени обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата што кулминираше во текот на првиот работен ден (21 октомври 2021 година) на 15-тата редовна средба преку директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР; ​

2. При такви околности, под влијание на двојното водство во македонскиот дел од Комисијата, се отстапи од утврдените принципи за консензуално носење одлуки по сите прашања; при што не беше испочитувано договореното на координативниот состанок од 20 октомври 2021 година;

​3. Нагласувам дека изготвените и разменети предлог-идеи, донесени и разменети во текот на вчерашниот ден од страна на македонскиот дел од Комисијата за препораки за учебниците за седмо одделение за македонските учебници, се без моја согласност; ​

4. Демонстрираните ставови на последната средба од страна на другите членови на македонскиот дел од Комисијата, не само што се во спротивност со Резолуцијата усвоена на 29 јули 2021 година од македонското Собрание, со која се утврдуваат црвените линии во преговорите меѓу Република Македонија и Република Бугарија, туку и со македонските национални интереси;

​5. Ги охрабрувам членовите на Комисијата кои повремено споделувале со мене слични ставови и вредности, да не ја „виткаат кичмата“.