Целта на престапните години е да се помогне да се приспособи Грегоријанскиот календар со сончевиот календар и да се осигуриме дека славиме соларни настани како што се пролетна и есенска рамноденица секоја година

Оваа 2020 година е престапна, што значи дека наместо вообичаените 365 дена, годинава ќе има еден ден повеќе. Престапна е секоја четврта година во која месецот февруари наместо 28 има 29 дена. Оваа година започна во среда и повторно ваква престапна година ќе има во 2048 година.

Сите престапни години се деливи со бројот четири, освен оние кои се деливи и со 100, a на кои се додаваат годините деливи со 400. Тоа значи дека годините 1800, 1900 и 2100 не се престапни, додека годините 1600, 2000, и 2400 се престапни.
Една сончева година, односно времето што е потребно за нашата планета да направи целосна ротација околу Сонцето трае 365 дена, 5 часа, 48 минути и 46 секунди. Оние дополнителни речиси шест часа време се точно тие што се собираат за престапни години.

Целта на престапните години е да се помогне да се приспособи Грегоријанскиот календар со сончевиот календар и да се осигуриме дека славиме соларни настани како што се пролетна и есенска рамноденица секоја година.
Сепак, ниту еден дополнителен ден во февруари на секои четири години не може да обезбеди точна усогласеност, поради што научниците понекогаш повикуваат на „престапна секунда“.

Престапна секунда е приспособување на една секунда, периодично применувано во Координираното универзално време (УТЦ) за да се намали разликата помеѓу прецизното време што го мериме на часовниците и неточно забележаното сончево време што варира како резултат на долгорочното забавување на вртењето на Земјата. 


Египќаните го направиле првиот календар

На идејата да се синхронизираат календарската со сончевата година први дошле старите Египќани (иако и старите Бабилонци знаеле дека календарот е компромис), во 238 година пред новата ера. Подоцна оваа идеја ја презеле Римјаните, кога Јулиј Цезар одлучил ден плус да биде 29 февруари и тоа секоја четврта година. Сепак, и таа модернизација имала свој недостаток. Календарската година повторно била подолга од сончевата точно за 11 минути. До 16 век, токму поради тоа, се собрале 10 дена вишок. За календарот повторно да се приспособи, во 1582 година, папата Грегориј 13-ти едноставно ги испуштил тие десет дена модернизирајќи го уште еднаш календарот. Според тој нов календар, еден век има точно 36.524,25 дена, што е многу блиску до природните временски мерења. Но остануваат уште мали разлики во однос на сончевата година.
По Грегоријанскиот календар, пак, престапна е секоја година во која последните две цифри може да се поделат со 4 без остаток. И тука постои еден строг исклучок. Имено, годините што се деливи со 100, а не со 400, не се престапни. Затоа во 1700, 1800, 1900 година немаше 29 февруари, а нема да го има ниту во 2100 година. Спротивно на тоа, 2000 година беше престапна.


Раѓање и умирање во ист ден

Според енциклопедијата за светско наследство, како невообичаена случка која е врзана за престапната година, односно за 29 февруари, се истакнува случајот на Џејмс Милн Вилсон во 1800-тите години, кој по потекло бил Британец, а за време на неговиот живот станал премиер на Тасманија. Тој се родил токму во престапен ден и умрел токму тој ден. Вилсон починал на 29 февруари 1880 година, на неговиот 17-ти роденден, ако се празнува секоја четврта година, односно на 68-годишна возраст.


Народот суеверен, црквата ја благословува секоја година

Според народните верувања, во престапна година не се прават венчавки и свадби, ниту, пак, се гради куќа. Народот верувал дека сѐ што се прави во престапна година е со краток рок, иако годината има еден ден повеќе. Среќни во ваква година, според народот, се само децата родени во таа година.
Сепак, црквата не се согласува со ваквите народни верувања и ги отфрла како суеверија.
– Избегнувањето на венчавка во престапна година според црквата е неправилно верување. Според црковните верувања, секоја година е благословена од господ, а тврдењето дека венчавка не се прави во престапна година е суеверие – посочуваат теолозите на Македонската православна црква-ОА.