Фото: Игор Бансколиев

Од недела на полноќ, според вчерашните неофицијални најави, должноста претседател на државата и официјално ја презема Стево Пендаровски, наследувајќи го Ѓорге Иванов, кој на оваа позиција мина два мандата, односно десет години.
Деценијата помината на чело на државата ќе остане запаметена по поддршката што Иванов ја добиваше од тогашната власт, но и постојаните критики од опозицијата, која го обвинуваше дека е продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ. Експертската и пошироката јавност докрај останаа поделени во оцената за начинот на кој Иванов ја извршуваше должноста и за ефектите од неговото претседателствување во двата последователни мандати.

Според политичкиот аналитичар и прв извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски, тешко е накратко да се оцени претседателствувањето на Иванов, дури и сега, на крајот на мандатот, особено затоа што тоа беше контроверзно и како, впрочем, и многу работи во државата.

– Како и во случаите со сите претходни претседатели, во голем дел од мандатот беше оспоруван и гледан како партиски пристрасен (за разлика од другите, во неговиот случај повеќе кон крајот на мандатот, а не при самиот избор) и тој не успеа многу да се дистанцира од партијата што го предложи (ВМРО-ДПМНЕ).
Отежнувачка околност во неговиот случај беше и длабоката политичка криза. Сметам дека тој беше убеден дека постапува најдобро што може во дадената ситуација, но критиката на јавноста, вклучувајќи и голем дел од граѓанските организации, беше жестока, особено со прогласувањето на амнестијата во април 2016 година – вели Кржаловски.

Според него, гледано од денешна перспектива, откако се случи друга амнестија, (во јануари со одлука на Собранието), а немаше толку жестока реакција, се поставува прашањето дали тоа што го направи Иванов беше толку погрешно.
– На позитивната страна, папата Франциск меѓу ретките цитати од неговата посета на Македонија, одлучи да посочи токму еден од претседателот Иванов – за почитта, наместо толеранцијата меѓу верските заедници. Па така, како и за сè во историјата, ќе треба малку поголема временска дистанца за пореална и непристрасна оценка на неговото претседателствување – констатира Кржаловски.

Инаку, Иванов првпат на должност стапи на 12 мај 2009 година, откако на претседателските избори како кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ го победи противкандидатот на СДСМ, Љубомир Фрчкоски. Тогаш тој најави дека членството во ЕУ и во НАТО, како и добрите меѓуетнички односи, ќе останат главни заложби во неговите политики.

Првите несогласувања се појавија со соседно Косово, кога тогашниот косовски претседател Фатмир Сејдиу требаше да ја посети земјава, но не дојде бидејќи му бил сменет карактерот на посетата, од официјална во работна.
Вториот мандат го започна на 12 мај 2014 година, кога на изборите го победи неговиот сегашен наследник Стево Пендаровски. На инаугурацијата не присуствуваа колегите од регионот, ниту пратениците од опозициската СДСМ, кои одбиваа да ги земат мандатите, обвинувајќи за кражба на претседателските избори. На инаугурацијата не присуствуваат ниту пратениците од редовите на ДУИ, кои го оспоруваа неговиот легитимитет и останаа на ставот дека тој не ги застапувал ставовите на Албанците.
Во обраќањето во Собранието, тој ги повтори заложбите за зачленување на земјата во ЕУ и во НАТО, при тоа додавајќи дека нема да дозволи промена на уставното име на државата.

Во тоа време се случува и обелоденувањето на аферата со прислушуваните разговори, при што на удар се многу функционери од тогашната партија на власт. Иванов на 12 април 2016 година прогласи општа аболиција, со која беа опфатени политичари засегнати од истрагите на СЈО, одлука што беше дочекана со жестока реакција на домашната јавност и меѓународната заедница.

Ставот на Иванов беше дека со аболицијата сакал да го заштити државниот интерес и да придонесе во решавањето на политичката криза. За тогаш опозициската СДСМ, постапката беше оценета како државен удар, а на улиците започнаа протести од таканаречената „Шарена револуција“. Во протестот еден ден по одлуката за прогласување аболиција беше демолирана и запалена народната канцеларија на Иванов во центарот на градот.

Ниту тогашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ не ја прифати аболицијата на претседателот, по што тој ја повлече одлуката на 27 мај 2016 година, најпрвин за 22 „политички експонирани“ лица, а по 10 дена целосно ја повлече аболицијата, иако остана на ставот дека одлуката за аболицијата била вистинско решение за смирување на политичката криза.

Парламентарните избори кон крајот на 2016 година донесоа тесна победа на ВМРО-ДПМНЕ и уште повеќе ја продлабочија кризата во земјата.
Иванов на почетокот на 2017 година му го дава мандатот за состав на нова влада на Никола Груевски, но откако ќе пропаднат преговорите за составување коалициска влада со ДУИ, Груевски го враќа мандатот.

Претседателот, иако беше практика да го додели мандатот на претседателот на партијата што била втора според бројот на освоени гласови на изборите, во случајот Зоран Заев, ја одложуваше одлуката и бараше писмени гаранции дека ќе се заштитат уставниот поредок и унитарноста на државата.

Во време кога почнуваат преговорите на новата влада за решавање на проблемот за името со Грција, Иванов има јасен став дека нема да прифати промена на уставното име на државата. Тој се изјасни против Преспанскиот договор и одби да го потпише указот на законот за ратификација на спогодбата од Преспа. Според Иванов, спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, односно Република Грција.

Спогодбата не беше поддржана ниту од македонските граѓани на референдумот одржан на 30 септември 2018 година, а во пресрет на референдумот, Иванов од говорницата на ОН ги повика граѓаните да не гласаат на референдумот.
– Ако ни ја земете надежта, што ќе ни остане? Помогнете ни со тоа што ќе го деблокирате процесот за членство на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија без да го кршите правото на самоопределување – истакна Иванов во ОН.
Мандатот го привршува останувајќи на ставот дека ги штити интересите на државата, одбивајќи да ги потпише Законот за јазици и законот со кој беше ратификуван Преспанскиот договор.

Пред претседателската палата на Водно и натаму стои таблата на која пишува Република Македонија, како и на меморандумите и документите што тој ги испраќа.
Сега е на удар и на власта и на опозицијата. Првите го предупредуваат да не се осмелува да дава нова амнестија за осудените за настаните од 27 април, додека вторите го обвинуваат дека ужива во претседателската функција додека, вистинските патриоти, како што ги нарекуваат, скапуваат по затворите.

Претседателот Иванов го завршува мандатот угостувајќи го папата Франциск, кој првпат на 7 мај ја посети Македонија.
– Вие доаѓате во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања и изневерени очекувања. Децениската блокада на нашиот европски пат доведе до политички и морални кризи, кои го намалија нашиот духовен имунитет и ги еродираа вистинските и трајните вредности – му порача Иванов на папата.

[email protected]