Шкотско-македонска перспектива на договорот со Грција

Алистер Стјуарт, новинар и дипломиран политиколог од Универзитетот во Единбург, даде свој осврт за македонско-грчкиот спор со насоки за решавање на некои од спорните елементи опфатени со договорот. Некои од аналитичарите се согласни дека одредени политики, со кои се зачувал шкотскиот идентитет во политичката унија со Англија, би можеле да се применат и во Македонија и обратно, доколку спогодбата од Мала Преспа се покаже како успешна формула, таа би можела да се употреби и за решавање на други билатерални спорови

Колку навистина може да се направи паралела помеѓу Македонија и Шкотска во поглед на политичката ситуација во која се наоѓаат двете држави и дали спогодбата од Мала Преспа со Грција навистина може да биде образец по кој во меѓународната политика ќе се решаваат други политички состојби и меѓудржавни релации.
Токму на оваа тема пишува Алистер Стјуарт, кој е новинар и дипломиран политиколог од Универзитетот во Единбург, а неговите статии се публикувани во националниот шкотски весник „Скотсмен“ и на онлајн-магазинот „Интернешнел релешјенс“.
Тој, под наслов „Северна Македонија“, даде свој осврт за македонско-грчкиот спор во весникот „Скотсмен“.

„Не прави ме севернобританец“, го почнува тој текстот преку личното искуство што го доживеал за време на летниот одмор, кога ја посетил Грција со своето семејство, и сведочел на случај на интеракција во кој двајца добро образовани Македонци, кои го пропатувале светот, биле принудени да го кријат своето потекло во разговор со Грци.
– Тие не беа засрамени, далеку од тоа, но имаа чувство дека тоа што се од Македонија може да предизвика проблеми, дури и насилство – пишува новинарот во својата колумна за шкотскиот весник.
Според новинарот, овој т.н. инцидент бил „македонската дебата за името“ во мало.
Авторот во својата колумна се осврнува на спогодбата од Мала Преспа како и на одржаниот референдум, односно на, според него, несоодветното прашање што им беше поставено на македонските граѓани.

– Потоа дојде и договорот од Преспа со кој Македонија треба да стане „Република Северна Македонија“, откако на нејзините граѓани им беше поставено несоодветното прашање: „Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на Договорот од Преспа?“. Но, прифаќањето на договорот од Преспа не го гарантира членството во ЕУ и во НАТО, наведени во референдумското прашање. Поставувањето на прашањето на таков начин, од страна на кабинетот на премиерот Зоран Заев, претставуваше стравотно изобличување. Пристапувањето во НАТО и во ЕУ би било предмет на долги процеси на ратификација и сите предлози би требало да бидат одобрени од македонскиот парламент – наведува Стјуарт.

Шкотскиот новинар смета дека спогодбата со Грција го става македонското образование во рацете на „академски заговор“, поради заедничкиот комитет што треба да одлучува за содржината.
– Повеќе од 300 години Шкотска е дел со политичка унија со Англија, која, во теорија, требаше одамна да го „проголта“ нејзиниот национален идентитет. Шкотска го задржа националното чувство, првенствено, бидејќи нејзиниот образовен систем секогаш имал шкотска димензија – објаснува Стјуарт.

Новинарот потсетува дека Македонија би требало да го следи примерот на неговата земја бидејќи Шкотска зачува доволно клучни компоненти на својот идентитет затоа што одби да биде претопена во централизираниот британски систем.
– Шкотските департменти во рамките на Владата доведоа до тоа во 1999 година, на шкотскиот парламент целосно да му се делегираат водењето на образованието, здравството и правните прашања бидејќи националниот идентитет не мораше да се гради од нула – пишува Стјуарт.

Тој потсетува дека, од друга страна, Македонија е суверена држава што се обидува да опстане, а тоа може да го стори преку заштита на својата историја.
Но, според Стјуарт, сегашната влада слободно ги предава средствата за заштита во замена за ветувањето за можен влез во НАТО и во ЕУ.
– А актуелната влада великодушно се откажа од тоа поради ветувања дека можеби ќе се добие пристап во ЕУ и во НАТО. Многу последователни грчки влади и општото јавно мислење ја опишуваат поранешната југословенска република како бениген тумор. Тоа се претвори во радикален грчки национализам – истакнува тој.

Политичките аналитичари што ги разбираат меѓународните релации велат дека доколку некоја формула, како на пример спогодбата од Мала Преспа, се покаже како успешна и доколку со неа се реши или надмине некој меѓународен спор тогаш таа барем во теоријата може да се применува и во друг спор меѓу други две држави.
Според експертите со кои се консултиравме, истото тоа може да се каже и за влијанието на државните политики со кои ќе се успее да се стабилизираат одредени релации, како на пример, за посочените шкотски политики за зачувувањето на идентитетот. Поточно, како што наведуваат тие, доколку со одредени политики се зачувал шкотскиот идентитет сосема е логично да се претпостави дека истите тие политики би требало да почнат да се практикуваат и во Македонија, бидејќи според авторот Стјуарт, двете држави се наоѓаат во слична позиција.

На слична тема, поранешниот амбасадор и политиколог Виктор Габер, коментирајќи ја дилемата поврзана со функционирањето на меѓународното право во релациите на меѓународните субјекти, објаснува дека меѓународните односи се специфични и тие не можат да се споредат со внатрешните односи во државите во ниеден случај.
– Меѓународното право ја дава рамката, односно линиите, насоките по кои би требало да се реши одредено прашање. Но тоа не го поседува механизмот за присила да се спроведе правото – вели Габер.

Дипломатот објаснува дека иако меѓународното право не е перфектно, тоа на крајот сепак дава некоја добра основа за да се реши одреден спор, со што, пак, се избегнуваат конфликтите на меѓународно поле.
– Меѓународното право не може да ги реши проблемите на државите во целина, но тоа е добра основа да се надминат проблематичните ситуации – вели Габер.
И политикологот Милан Стефановски вели дека навистина, можеби, може да се направи споредба меѓу состојбите во Шкотска и оние во Македонија и нивните позиции. Според него, по таа логика лесно може да се сфати зошто некои медиуми и светски политичари истакнуваат дека доколку спогодбата од Мала Преспа успее, истите принципи можат да се применат како успешна формула и во спорот меѓу Србија и Косово и многу други. А.С.