Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, смета дека службите не можеле да реагираат за да се спречи разговорот на премиерот Зоран Заев со лажните Столтенберг и Порошенко. Таа вели дека државата мора да се навикне на тоа дека ќе биде цел на хибридни, кибер, но и друг тип на закани.

– Знаете кога службите би можеле да реагираат на такво нешто? Кога би го правеле тоа што го правеше Сашо Мијалков. Кога би ги прислушувале сите разговори на премиерот и да ги анализираат – вели Шекеринска.

Министерката се осврна и на прашањето за преземањето одговорност за разговорот на премиерот Заев со руските комичари.

– Знаете кој презема одговорност во НАТО заради разговорот со генералниот секретар? Кој си замина од француската служба поради разговорот – додавајќи Шекеринска дека ваквиот тип закани ќе продожат.

Таа смета дека целта на измамата е загрозување на членството на Македонија во НАТО.

– Целта е да го загрозат нашиот пат до членство во НАТО. Во такви ситуации нема да се бираат средства. Ова средство не е искористено само кај нас, туку и со генералниот секретар на НАТО, францускиот претседател, но и серија на други луѓе во политиката. Чудно е прашањето ‘Како им успеало во Северна Македонија?’, кога гледаме дека тоа им успеало со врвот на Алијансата. Таков тип на трикови и закани ќе продолжат, а втора работа, со овој напад не е пробиено ништо што е наша безбедносна содржина. Ние треба да си ја менуваме безбедносната култура и десет пати да провериме. Овие разговори покажаа дека премиерот во секој разговор, на секое ниво, со секој соговорник ги држи истите позиции. Овие закани не се ништо ново, но ние ќе треба да се прилагодуваме на нив – додаде Шекеринска.

Според министерката, единствена одбрана од ваков тип напади е да се престане со користење на телефони.