Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска се обрати на конференцијата организирана од SEESAC, посветена на родовата еднаквост и родовата перспектива во одбраната, каде што посочи дека зголемувањето на учеството на жени во армиските редови не се прави и не треба да се прави преку ноќ, туку треба силна работа и силна посветеност.

За тоа дека овој проблем не е само на регионот, туку и пошироко, рече дека доказ се многуте невладини организации, многуте резолуции на Обединетите нации, многуте здруженија на граѓани, кои во целиот свет се трудат да ги разбијат стереотипите.

– Од речиси 6.700 припадници на Армијата, 635 се жени, односно околу 10 проценти, а од нив офицерки се 15 проценти, подофицерки 11 проценти, а професионални војнички само пет проценти – информира министерката и додаде дека фактот оти десет проценти во последната класа граѓани на доброволно служење воен рок се девојки, покажува дека интересот за професијата се зголемува.

Она што е најважно, истакна министерката, е не само да ги привлечеме жените да бидат дел од војската, туку и да ги задржиме да ја градат тука својата кариера.

– Навистина правиме сè да ја направиме Армијата пријатна средина, конструктивна, отворена средина за работа на жените и да имаме што повеќе жени на високи позиции. Донесовме упатство за заштита од вознемирување на работно место, целосно во согласност со политиките на НАТО и програмата на ООН за жени, мир и безбедност. Со предложените измени на Законите за одбрана и за служба во Армијата првпат родовата компонента треба да биде интегрирана во сите структури и е дел од политиките на Министерството. Оваа година првпат работиме на родова структура на Министерството и Армијата, со која се воведуваат родов советник на началникот на Генералштабот, родов советник на Министерството и родови претставници на сите пониски нивоа – истакна Шекеринска.

Министерката посочи дека клучната промена не е во фактот дека се преземаат овие чекори, туку дека оваа политика е реално прифатена и од Генералштабот, што овозможува таа да е одржлива на подолг рок.