Министерката за одбрана и потпретседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска, одговарајќи на новинарски прашања го изрази ставот на нејзината партија во однос на препораките на Венецијанската комисија, откако беше прашана што мисли за изјавата на вицепремиерот Бујар Османи дека не треба да има никакви измени на Законот за јазици.

-Според тоа што имавме прилика директно да го прочитаме, а не да го видиме толкувано од страна на некого, за некои прашања имаат дилеми, за некои прашања немаат дилеми, за некои прашања Венецијанската Комисија оди чекор напред. Многу сериозно ќе го анализираме мислењето, ќе земеме предвид различни забелешки и ќе се трудиме да најдеме решение што ќе биде плус за сите граѓани во државата – рече Шекеринска.

Министерката порача дека оваа влада не верува во еднократно менување на важни закони, но дека кај сите партнери во коалицијата постои увереност да се почитува тоа што го презеле како обврска на почетокот.

-Ние, веруваме дека јазичните права се права коишто ја градат кохезијата во државата. Законот веќе долго време е на сила. Никој не плати казна поради тоа што не знае албански, како што не критикуваа. Никој не е натеран да користи нешто што не го знае или не сака да го користи, како што некои тврдеа. Покажавме дека ова прашање не е табу. И покажавме дека ова прашање сакаме да го решаваме како држава која навистина гради едно општество за сите. Со таков дух, со такви аргументи, ќе го погледнеме мислењето на Венецијанската комисија и ќе излеземе со заеднички став – истакна Шекеринска.

Таа додаде дека ова не е прашање кое повторно треба да ја дели државата.