Министерскиот состанок на Северноатлантскиот совет на Алијансата на кој учествува министерката за одбрана Радмила Шекеринска, продолжи денеска со две сесии, посветени на буџетирањето на одбраната и на мисијата на Алијансата во Авганистан „Одлучна поддршка“.

Шекеринска информираше дека буџетот за одбраната во последните две години расте, а државата е на одличен пат зацртаните 2 отсто од бруто-домашниот производ, алоцирани за одбрана, да бидат постигнати до 2024 година.

На состанокот посветен на мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, министерката ги поздрави и поддржа напорите на НАТО за воспоставување на стабилност, безбедност, мир, слобода и демократија во оваа земја. Истакна дека нашата земја ќе продолжи да придонесува со свои припадници во оваа мисија во која сега имаме 47 војници, подофицери и офицери. Тоа е факт кој покажува дека Република Македонија не отстапува од своите позиции и секогаш носи одлуки кои се за доброто на регионот, на Алијансата, и на глобално ниво.

Денеска, Шекеринска имаше и две одвоени средби со министрите за одбрана на Италија, Елизабета Трента и на Полска, Мариус Бласчзак.

На средбата со министерката Трента, Шекеринска ги повтори позициите на Македонија дека Италија беше и останува исклучително значаен партнер и набрзо сојузник на нашата земја и дека ние ја цениме сета досегашна италијанска поддршка, особено во изминатиот клучен период за нашата држава. Министерката Трента рече дека поддршката продолжува и дека во Италија во тек е процесот на ратификација на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.

На средбата Шекеринска – Бласчзак, беше потврдена исклучително добрата билатерална соработка меѓу Македонија и Полска, која беше крунисана со ратификацијата на пристапниот протокол за членство на нашата земја во Алијансата, во април годинава. Министерот Бласчзак порача дека одбранбената соработка е одлична и дека таа во иднина ќе се продлабочи уште повеќе.

По завршувањето на состанокот на Северноатлатнскиот совет, министерката Шекеринска ќе учествува на Бриселскиот самит на Германскиот Маршалов Фонд, каде ќе говори на тема иновациите и новиот пристап кон безбедноста.