Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Шведска во земјата, Матс Стефансон.

На средбата министерката Апостолска ги претстави мерките од планот за економски раст и потенцирајќи ја транспарентноста на Владата во процесот на поддршка на нови инвестиции, појасни дека со законски поставени и јавно достапни критериуми, кои исклучуваат какви било форми на дискрециски преговарања, пред шведските компании се гарантира сигурност во пристапот до финансиски средства доколку се одлучат за реализација на инвестициски проекти во Република Северна Македонија.

– Покрај активни мерки за поддршка на нови странски инвестиции, силен импут за зајакнување на стабилноста и предвидливоста на бизнис-климата, како и за зголемување на инвестициската атрактивност, правиме и со посветеноста на евроинтегративните процеси – рече министерката Апостолска.

Амбасадорот Стефансон, осврнувајќи се на силната поддршка што Шведска ѝ ја дава на Северна Македонија на патот кон ЕУ, истакна дека денешната позитивна препорака на Европската комисија за почеток на преговорите ќе даде значаен придонес во унапредувањето на трговските и инвестициските односи помеѓу двете земји.

Тој порача дека одлуката е своевидно зелено светло за појавување поголем интерес за економскиот амбиент во земјата и од страна на шведската бизнис-заедница.