Швајцарската конфердерација ќе обезбеди финансиска и логистичка поддршка за реализација на 10 годишен проект „Образование за вработување во Македонија“ кој треба да започне годинава со цел да го подигне степенот на вработливост во државава.

Имплементацијата на проектот била една од клучните теми на разговор на денешната средба помеѓу министерот за образование и наука Арбер Адеми и заменикот амбасадор на Швајцарија во Република Македонија, Стефан Томаџан. Тие разговарале за спроведувањето и очекуваните ефекти од проектот, кој ќе се спроведува етапно, а првата фаза ќе трае заклучно со 2022 година, соопшти Министерството за образование и наука.

Проектот ќе биде имплементиран од Helvetas Swiss Intercooperation, Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) и Стопанската комора на Македонија и со него ќе бидат опфатени млади невработени и несоодветно вработени лица на возраст до 29 години, ученици од стручното образование и обука, со грижа за вклучувањето на жени, Роми, како и лица со попреченост.

Целите на проектот се насочени кон унапредување на неформалното и формалното стручно образование, како и кон хармонизирање на соодветната законска регулатива во земјата.

Министерот за образование и наука, Адеми се заблагодарил за досегашната поддршка од страна на Швајцарија кон Македонија изразувајќи и големо задоволство што таа продолжува во периодот што следи, но и се надградува токму преку имплементацијата на проекти од ваков тип.

– Заменик амбасадорот Томаџан, упати честитки до министерот, по повод неодамнешното именување на функцијата и ги потврди искрените намери на Швајцарија да и помогне на земјата во заложбите за градење на што подобар и поквалитетен образовен систем, како и во заложбите за намалување на невработеноста, особено кај младата популација- се вели во соопштението.