Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, по повод одбележувањето на 23 септември – Меѓународниот ден на знаковниот јазик, учествуваше на тркалезна маса на тема „Социјалната положба и невработеноста кај глувите и наглуви лица, застапеноста на знаковниот јазик во нашата држава и процесот на негова стандардизација“, во организација на Националниот сојуз на глуви и наглуви на Република Северна Македонија.

Taa истакна дека концептот „Едно општество за сите“ значи вклучување на сите граѓани во редовните секојдневни текови во нашата земја.Таа додаде дека Националниот сојуз на глуви лица ја добива поддршката од Министерството за труд и социјална политика, преку годишната програма за поддршка на невладини организации и национални сојузи за подигање на свеста, како и за подобрување на нивниот стандард.

„Министерството за труд и социјална политика изготвува ново законско решение за вработување на лицата со различна попреченост, вклучувајќи ги и глувите и наглуви лица“, рече Шахпаска.

Министерката истакна дека се разговара и за различни модели и на кој начин глувите лица ќе бидат вклучени во работниот процес, со цел да можат да заработуваат за сопствена егзистенција и да бидат независни во системот.

„Тоа што го испорачавме во социјалната реформа е посебниот додаток што го примаат овие граѓани во државата. Вкупно на број ги има околу 7.000, но тоа што исто така како новина го работиме во Министерството е да правиме инклузија на децата на предучилишна возраст. Во моментов работиме на анализата на вкупниот број дечиња, до шест години кои имаат или сериозно оштетување на звукот или се глуви, за да можат секојдневно да бидат присутни во градинките. При тоа правиме анализа на бројот на достапни толкувачи на знаковен јазик, за да може нивната инклузија во предучилишни образовни установи да биде на ист начин како и за останатите деца“, појасни таа.

Министерката Шахпаска упати честитка по повод Меѓународниот ден на знаковниот јазик до глувите и наглувите лица, како и сите оние кои го користат знаковниот јазик, им посака добро здравје и заедничка и плодна соработка во интерес на глувите лица.