Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска беше во посета на еден од седумте мали групни домови при ЈУ за згрижување деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение – Скопје.

– Овој мал групен дом е показател за позитивните приказни кои произлегоа со носењето на Законот за социјална заштита и ова е една успешна приказна на кој начин децата треба да излегуваат од гломазните институции и да бидат сместени во мали групни домови, затоа што тие се чекор поблиску до нормалните биолошки семејства. Тука децата се учат на основните вредности кои ги носи семејството. Почитувањето на возрасните и меѓусебното почитување како врсници, основните елементарни и хигиенски навики, вклученоста во образовниот процес и се друго што е дел од секојдневното нормално живеење – истакна Шахпаска.

Министерката посочи дека токму овие мали групни домови се поддршката која ја добиваат децата кои се запуштени, на начин што со нив работат стручни лица, педагози, психолози, социјални работници со 24-часовна поддршка, она што навистина им е потребно на децата за да се изградат во вистински личности.

– Продолжуваме со процесот на деинституционализација. Изминатиот период деинституционализацијата беше завршена за децата под 18 години, но тој процес продолжува за останатите гломазни институции како што се Заводот во Демир Капија, Бања Банско, Заводот за рехабилитација, Скопје. Пред нас има уште работа, тоа се околу 270 штитеници кои се уште се во институциите. До крајот на ноември, очекуваме отворање на уште четири куќи во кои ќе бидат сместени и останатите лица, кои ги вадиме од институциите – истакна Шахпаска.