Со новиот Закон за родова еднаквост се обезбедува остварување на потполна родова еднаквост, зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството, еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки во сите сфери на општествено живеење, посочи минисерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на денешната средба со Џон Кенеди Мосоти, директор за Македонија, Србија и Косово на УНФПА.

Таа посочи дека со Законот за родова еднаквост се предвидува три нови механизми. Тоа е Секретаријатот за родова еднаквост, кој како највисоко тело ќе ја координира и следи работата на органите на државната управа и локалната самоуправа при имплементација на Законот. Ресурсен центар, кој што е всушност тренинг центар за обуки на државните службеници во областа на родово одговорно креирање на политики и буџетирање. Третиот нов механизам е Национално координативно тело со кое што ќе претседава министерот за труд и социјална политика со што се подигнува и нивото на влијание и значење. Истовремено, Министерството работи на подготовка на новата Стратегија за родова еднаквост 2021-2026 година чија цел е унапредување на состојбата на родовата еднаквост во согласност со меѓународните стандарди, препораки и обврски, препознавајќи дека родовата еднаквост е еден од клучните аспекти за просперитет на целото општество.

На средбата се разговараше и за унапредување на правата на лицата со попреченост.

– Пред нас е предизвикот за заокружување на процесот на деинституционализацијата до 2027 година согласно проектите, сите корисници од Заводот во Демир Капија, Заводот Бања Банско, како и Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Топанско Поле, да бидат преселени од институциите и сместени во помали станбени единици, односно се менува формата на грижа за овие лица во живеење со поддршка – рече Шахпаска. Притоа, го истакна значењето на дневните центри за лицата со попреченост како форма која им овозможува на овие лица да бидат креативни и работно активни.

Двете страни се согласија дека соработката ќе продолжи и во иднина со уште позасилено темпо, а во насока на градење на еднакво општество, без стереотипи и предрасуди, насочено кон превенирање на родово базирано насилство, унапредување на статусот на жените во сите области и унапредување на правата на лицата со попреченост.