Нулта толеранција за насилството врз жените и семејното насилство за Министерството за труд и социјална политика е главен приоритет и оттука ова законско решение е темелот, основата во борбата против сите форми на насилство врз жената и семејството, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

– Овој Закон е важен дел од Акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција, која нашата држава ја ратификуваше во декември 2017 година – рече министерката.

Таа изрази убеденост дека Предлог-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, во собраниската процедура ќе добие поддршка и од опозицијата, бидејќи насилството не познава партиска определеност, насилството не познава верска или етничка припадност, општествен или имотен статус.

– Родово базираното насилство врз жените и семејното насилство можеби некаде е повидливо, а некаде затскриено, но тоа постои и затоа пред него не смееме ниту да молчиме, ниту да го игнорираме. Напротив, треба да ја подигнуваме свеста за негово препознавање и постапување – рече Шахпаска.

Таа истакна дека насилството врз жените и семејното насилство не се приватна работа и затоа државата треба преку сеопфатни и интегрирани политики да превенира и да ги заштити жртвите на насилство.

– Токму затоа е важно сите заедно да застанеме зад ова законско решение, кое е подготвено во соработка со експерти и невладини организации и решение кое значи надградба на постојниот систем и зајакнување на севкупниот институционален одговор на родово-базираното насилство.

Поддршката што ја обезбедуваме во делот на информирањето, советувањето и привремениот престој за:
– жените жртви на родово базирано насилство и семејно насилство и нивните деца;
– жените жртви на сексуално насилство и силување;
– жртвите на трговија со луѓе, како и
– жртви на насилство поради сексуална ориентација и родов идентитет, е во согласност со стандардите предвидени во Истанбулската конвенција – информираше министерката.

Таа истакна дека оваа поддршка ќе биде обезбедена од институциите на системот – социјалната заштита, здравствените установи, Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, здруженијата и единиците на локалната самоуправа. Како и дека Законот предвидува надлежните институции во постапките за родово базирано насилство врз жените и семејното насилство да постапуваат итно и со должно внимание на интересите и потребите на жртвата, а со цел заштита на жртвите и нивна реинтеграција во системот.

– Судот има обврска, веднаш а најдоцна во рок од 24 часа по приемот на предлогот од Министерството за внатрешни работи и полицискиот извештај, без да одржи рочиште да одлучи за изрекување на итна мерка за заштита „отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот.

Жртвата има право да поднесе тужба пред граѓански суд за утврдување на одговорност за непостапување со должно внимание од страна на надлежните институции, а товарот за докажување е на страната на институцијата и лицето во институцијата што пропуштило да постапи согласно закон, а жртвите се ослободени од судски трошоци во текот на судската постапка – посочи министерката.

Таа истакна дека Предлог-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство е навистина сеопфатен и овозможува конкретна заштита и поддршка за жртвите.