Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска учествуваше на онлајн Форумот за Западен Балкан: Дијалог на високо ниво за социо-економското влијание на пандемијата врз ранливите Роми во Западен Балкан и Турција, во ко-организација на Европската комисија, Светска банка, Совет на Европа и УНДП и на која учество земаа претставници на овие институции и министри од земјите од Западен Балкан.

Министерката Шахпаска посочи дека Владата и Министерство за труд и социјална политика имаат заедничка цел-еднакво општество за сите. Сите мерки и секоја политика, додаде таа е креирана во насока на овозможување еднаква шанса за сите, со посебен акцент на најранливите категории на граѓани, како што се Ромите, со цел да добијат еднаква можност за напредок и интеграција во општеството.

– Ромите се дел од сите Владини мерки кои што беа донесени со цел справување со кризата предизвикана од пандемијата со Ковид- 19. Конкретно со последниот петти пакет антикризни мерки се предвидува финансиска поддршка за Роми претприемачи преку креирање „Мечинг фонд за претприемништво за Роми“. Вредноста за оваа мерка е 123 милиони денари за 2021 година, а пред сѐ е наменета за микро и малите компании коишто имаат ризици во работењето. Исто така, намерата е голем дел од оваа ранлива категорија граѓани да добие финансиска поддршка со цел формализирање на нивната дејност – истакна Шахпаска.

Таа посочи дека Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија презема низа активности за зголемување на вработувањето на невработените лица Роми како една од ранливите категории на пазарот на трудот.

Притоа, била истакната соработката со УНДП како клучна била посочена програмата „Ацедер“, која се реализира втора година по ред, а е фокусирана на поддршка на припадниците на ромската заедница за пристап до вработување со главна цел да се подобри социјалната инклузија и еднаквоста на Ромите во земјата.

– Досега, постигнавме одлични резултати, од 2007 година со поддршка на УНДП, над 210 нови бизниси се основани од ромски претприемачи во рамките на Програмата за самовработување, заеднички спроведена со УНДП и националните партнери – рече Шахпаска.

Притоа, таа ја истакна важноста од активното и рано ангажирање на локалните власти и локалните невладини организации во ко-дизајнирање на локалните програми, имплементирање на интервенциите на локално ниво.