Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, и претставничката на УНИЦЕФ во земјата, Патриција ди Џовани, денеска одржаа работна средба, на која се зборуваше за можна соработка во процесот на отворање нов дневен центар за деца со аутизам за кој МТСП веќе обезбеди простор во Скопје.

„Поддршката од УНИЦЕФ како наш долгогодишен партнер во областа на социјалната и детската заштита би била од големо значење за реализирање на овој проект. Во согласност со нашите анализи, воспоставувањето дневен центар за деца што се соочуваат со аутистичен спектар е повеќе од потребно. Секоја помош и секоја поддршка се добредојдени. Верувам дека заедно со УНИЦЕФ ќе ги обезбедиме најсовремените модели и искуства од развиените земји, кои би ги примениле и кај нас“, рече Шахпаска.

Дневниот центар за аутизам би бил оформен според најсовремениот модел во кој ќе се практикува сеопфатен пристап за личен развој и рехабилитација, кој вклучува специјализирани третмани и услуги на децата со аутистичен спектар на нарушување. Пристапот би бил индивидуален во согласност со нивните потреби, но ќе им дава и поддршка на родителите на децата со аутизам. Министерката Шахпаска информира дека Министерството ќе се заложи и за зајакнување на постојниот Центар за деца со аутизам во Штип.

На средбата стана збор и за вклучување на децата со оштетен слух и тешкотии во говорот во детските градинки. Тоа предвидува и обезбедување употреба на знаковен јазик за да може децата да бидат вклучени активно во предучилишниот воспитно-образовен процес.

Од страна на претставничката на УНИЦЕФ, Ди Џовани, беше посочено дека ќе биде обезбедена најсоодветна поддршка за реализирањето на дневниот центар за аутизам и за инклузија на децата со оштетен слух и тешкотии во говорот.

На состанокот се разговараше и за текот на процесот на воведување на методологијата препорачана од СЗО за процена на состојбата и потребата на лицата со попреченост, Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје.