Со финализирањето на процесот за прогласување на Шар Планина и Осоговските планини за заштитени подрачја ќе се зголемат можностите за прекугранична соработка со соседните земји, посебно од аспект на фактот дека Шар Планина ќе стане еден од најголемите национални паркови во Европа, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.

Истовремено, додаде тој, заштитата на овие подрачја значи и напредок во исполнувањето на обврските од ЕУ директивите за живеалишта и птици.

На вчерашната седница на Владата беа усвоени иницијативите на Министерството за животна средина и просторно планирање за заштита на две подрачја во нашата држава: Шар Планина и Осоговските планини.

Статусот на заштита беше утврден од страна на експертски тим кој спроведе студија за валоризација на подрачјата и со кои беше утврдено дека содржат високо ниво на биолошки и културни вредности за чие зачувување треба да бидат преземени мерки.

Министерот вели дека со прогласувањето на овие подрачја покрај тоа што ќе ги исполниме националните стратешки цели и меѓународните обврски за заштита на природата, односно пределската разновидност и биодиверзитетот, исто така ќе има бенефит државата, а посебно општините кои ќе опфаќаат делови од заштитеното подрачје и локалното население.

– Важно е да се напомене дека соодветното управување со заштитените подрачја значи искористување на огромниот потенцијал за развој на локалната економија, односно одржливо управување со природните ресурси, преку обезбедување еко-системски услуги. Тоа подразбира заштита, зачувување и одржливо користење на природните вредности, заживување на селата во и околу заштитеното подрачје преку развој на екотуризмот, традиционалното земјоделие и овчарството – рече министерот.

Тој појасни дека прогласувањето на заштитено подрачје не значи запирање на сите активности, туку контролирано, планирано и одржливо користење на природните богатства.

Во претстојниот период ќе бидат спроведени јавни расправи по предлозите со локалното население, како и сите засегнати страни. По усогласувањето на мислењата и забелешките, ќе бидат изготвени конечни предлози за прогласување на овие локации кои повторно ќе бидат доставени до Владата за усвојување.