Денот на Републиката – 2 Август Илинден денеска беше чествуван и во Смилево каде што беа одбележани 115 години од Илинденското востание и 76 години од првата борбена акција на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“ за ослободување на Смилево.

Владината делегација, која ја предводедеше министерот без ресор задолжен за инвестиции Зоран Шапуриќ и во која беа заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлевски и националниот координатор за здравство Гоце Чакаровски, положи цвеќе пред могилата на Даме Груев.

Во своето обраќање министерот Шапуриќ се осврна на важноста од носењето одлуки во клучни периоди од историјата на еден народ.

– Во 1903 тука, во славното Смилево, е одржан Смилевскиот конгрес на кој заседавале предводниците на македонското револуционерно движење. Тие пред себе имале тешка задача, а тоа е да донесат одлука дали македонскиот народ да се крене на востание или не. Имало многу полемики, многу дилеми но на крајот тука, во Смилево, е донесена одлуката на 2 Август да започне Илинденското востание. Сите ние денеска се гордееме со нашето минато. Сакам сите за момент да ја замислиме нашата историја без Илинденското востание, доколку одлуката на Смилевскиот конгрес била поинаква, рече Шапуриќ. 

Денешната генрација пред себе има сличен таков историски момент, додаде Шапуриќ, кога треба да донесе одлука, значајна за иднината на сите нас во Македонија.

– Оваа генерација не треба да бега од одговорноста да донесе одлука. Како што сите ние денеска се гордееме на непокорот на славните илинденци, така идните поколенија ќе знаат да ја ценат одлуката на сегашниве генерации, Македонија да биде дел од ЕУ и НАТО со загарантиран македонски јазик и македонски идентитет, рече Шапуриќ на одбележувањето на Илинден во Смилево.