Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, денеска ги посети Единиците за внатрешни работи Ѓорче Петров и Чаир, при што оствари работни состаноци со раководствата на двете одделенија за внатрешни работи. Во фокусот на двете средби, пред сè, беа темите поврзани со организирањето на претстојните парламентарни избори, како и запознавање со безбедносната состојба на подрачјето кое го покриваат и работните прилики и условите во полициските станици.

Во таа насока, министерот Чулев истакна дека е потребно полициските службеници да постапуваат максимално професионално и неселективно во секој случај каде што постојат елементи на кривични дела против изборите и гласањето, без разлика на политичката припадност на оние кои ќе го прекршат законот, имајќи предвид дека овие избори се од големо значење за европската перспектива на земјата. Бескомпромисната борба против сите видови на изборни нерегуларности ќе ја потврди одлучноста на нашата земја да ги исполни сите стандарди кои се потребни за отпочнување на преговорите за влез во ЕУ, нагласи Чулев.

На средбите беше констатирано дека безбедносната состојба на двете подрачја е добра и во изминатиот период не се евидентирани потешки кривични дела, освен случајот во Ѓорче Петров каде што беше фрлена експлозивна направа на трговски објекти, кој е сопственост на родителите на носител на листа од една политичка партија.

Министерот Чулев упати апел до раководствата на двете полициските одделенија за сериозно и професионално да пристапат кон организација на претстојните избори. Евентуални изборни нерегуларности ќе бидат директен удар кон угледот, пред сè, на полицијата, а потоа и на државата, потенцираше Чулев.