Медиумите се важен промотор, фактор во препознавање и сузбивање на говорот на омраза и тие имаат одговорност во подигнување на јавната свест и едукација. Tие се сериозен партнер на Министерството за внатрешни работи, истакна министерот Наќе Чулев на заедничката прес-конференција со амбасадорот на ОБСЕ, на тема „Спречување на говорот на омраза во медиумите во предизборниот период“.

– Полицијата отсекогаш во доменот на своите надлежности демонстрирала подготвеност, честопати и во соработка со нашите пријатели од Мисијата на ОБСЕ, за градење и интензивирање на партнерството со сите професионални медиумски асоцијации, а токму во поглед на овозможувањето што поквалитетни услови за нивна работа. Тоа ќе го правиме и во периодот пред нас, дотолку повеќе што нè очекува изборен период во кој треба да ги создадеме условите за мирно, фер и демократско реализирање на изборниот процес, односно слободно изразување на волјата на граѓаните. Процес во кој и ние како Министерство за внатрешни работи, а и медиумите, имаме свои јасни задачи – нагласи Чулев.

Меѓу другото, тој рече дека е неопходно да се подигне нивото на меѓусебната комуникација, нивото на институционалната транспарентност како механизам на своевидна превенција од секакви паушални, непоткрепени и потенцијално штетни појави со капацитет да бидат трансформирани во говор на омраза.

– Говорот на омраза во медиумите, пред сè, примарно, е задача или обврска на самите медиуми, на нивните уредувачки правила и професионални стандарди. Полицијата не може ниту, пак, сака некому да му биде уредник и редактор. Она што полицијата го може и зад што одлучно ќе застане е стриктната примена на законските одредби во поглед на говорот на омраза, кој како девијантна појава е веќе нормиран во нашето законодавство. Впрочем, ќе напоменам дека Министерството за внатрешни работи во текот на 2019 година до Јавното обвинителство поднесе 45 кривични пријави против 51 сторител, а кои се однесуваат на дела поврзани со говорот на омраза.
Оттаму, во контекст на претходно изнесеното, сметам дека е од суштинска важност сите општествени фактори во континуитет да работат на креирање амбиент што ќе му овозможува на медиумскиот сектор да ја извршува својата примарна и професионална задача. А во тој смисол, се разбира, и Министерството за внатрешни работи како институција, која во одредена мера, пред сè, од аспект на спроведување на законите, има допирна точка со темата на оваа денешна прес-конференција посветена на спречување на говорот на омраза во медиумите во предизборниот период.

Политичките тензии не смеат да предизвикуваат или да водат кон говор на омраза и во таа смисла одговорноста ја имаме сите. Важно е токму во овој период да се воздржиме од каква било поларизација, која произлегува од политички, верски, етнички и други несогласувања. Во оваа насока праќам посебен апел до политичарите да бидат особено одговорни во овој значен период за нашата држава, а одговорноста, пред сè, ја подразбирам во насока на внимателност и претпазливост при давањето изјави во јавноста, но и при секојдневната комуникација со граѓаните. Истовремено, ги повикувам да бидат потолерантни кон критиките што доаѓаат од јавноста од проста причина што тие се избрани од граѓаните и граѓаните се тие што ја оценуваат и критикуваат нивната работа. Со други зборови, токму политичарите треба да бидат пример за комуникација во која ќе покажат високо ниво на меѓусебно почитување и почитување кон граѓаните.

Во тој поглед, на крајот од ова мое обраќање сакам овде јавно и недвосмислено уште еднаш да ги потенцирам подготвеноста и отвореноста на полицијата, на сите наши надлежни служби, не само во текот на веќе почнатите наши полициски подготовки за изборите туку и надвор од нив, да партиципираме заедно со сите други фактори, вклучително и со самите медиуми и невладиниот сектор во градењето услови што ќе ги елиминираат сите закани, сите можни опасности или проблеми во одржувањето демократски и спокојни парламентарни избори. Истовремено, и да апелирам за продолжување и продлабочување на соработката со сите други фактори во општеството, особено кога е во прашање говорот на омраза, чии негативни потенцијали, пред сè, во продуцирањето насилно поведение и рушење на кохезијата во општеството може да бидат реална закана и предизвик за сите нас – вели Чулев.