Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, на Фејсбук објави видео по повод 7 Мај – Денот на полицијата. Како што наведува, видеото им го посветува на сите кои се вклучени во борбата со коронавирусот.

– Ова видео е посветено на сите полициски службеници, здравствени работници, припадници на армијата и на сите оние кои се во првите редови во справувањето со пандемијата од коронавирусот.

Ви благодариме за секоја минута и секој час поминат на вашите работни места. Неизмерно сме ви благодарни за сета посветеност и за сите жртви кои ги давате секојдневно во борбата против оваа пандемија. Сите заедно сплотени сме на само чекор од совладувањето на еден од поголемите предизвици со кои се соочило човештвото досега.

Нека е честит Денот на македонската полицијa! – напиша Чулев.