Политиколозите и комуниколозите сметаат дека нашите сограѓани не само што ги следат глобалните политички случувања и не само што имаат свое мислење за нив туку и активно учествуваат во одредени кампањи и иницијативи. Имено, преку глобалната интернет-мрежа, секако и на социјалните мрежи, тие јавно и отворено го изразуваат својот став. Уште повеќе, граѓаните почнуваат да се идентификуваат со светските политичари, не како персонализација со личноста на политичарот, туку со неговите заложби, постапки и застапување одредени јавни политики што нашите граѓани ги препознаваат како блиски, свои и политики што ќе им помогнат на пошироката општествена заедница и, секако, на нашата држава

Домашни политички активисти со активен ангажман во странски предизборни кампањи

 

Што ги мотивира македонските гласачи, како и политичките активисти, на социјалните мрежи да се изјаснуваат како поддржувачи за одредени кандидати во странските изборни кампањи? Во екот на едно турбулентно домашно предизборие, сепак е забележлив еден несекојдневен феномен на зачестен ангажман на граѓани во државава што изразуваат поддршка на кандидати, на пример, на демократската и републиканската партија за претседателската трка во Америка. Експертите со кои се консултиравме, комуниколози и политиколози, велат дека станува збор за еден нов и исклучително интересен феномен на македонската политичка сцена, кој допрва треба да се истражува.
Според политиколозите и комуниколозите, Македонците не само што ги следат глобалните политички случувања, не само што имаат мислење за нив, тие и активно учествуваат во одредени кампањи и иницијативи и преку глобалната интернет-мрежа, секако и социјалните мрежи, јавно го изразуваат својот став. Уште повеќе, граѓаните почнуваат да се идентификуваат со светските политичари, не како персонализација на личноста на политичарот, туку со неговите заложби, постапки и застапување одредени јавни политики што нашите граѓани ги препознаваат како блиски, свои и политики што ќе им помогнат на пошироката општествена заедница и, секако, на нашата држава.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски за актуелниот феномен вели дека тој меѓу Македонците се случува поради две причини.
– Македонците на интернет и на социјалните мрежи најчесто се идентификуваат со странски политичари бидејќи во нив го препознаваат моделот на политичар што би сакале да го видат кај нашиот политички естаблишмент. На ваков начин, гледајќи кон „надвор“, нашите гласачи очигледно си бараат спас за домашните проблеми, и тоа токму во моменти кога е активна кампањата за изборите и кога партиите се борат со цензусот, односно се обидуваат да ги стимулираат гласачите да излезат на изборите. Втората причина за појавата на овој феномен, според мене, е рефлексија на дејствувањето на здруженијата на македонски иселеници во странство.

Тие ги поттикнуваат тукашните гласачи преку интернет да се активираат во политичка кампања во САД или Европа. Таквите активности на овие иселенички организации им одат во корист. Имено, бидејќи светските политичари им веруваат на социјалните мрежи, доколку се успее да се докаже дека граѓаните на пример на Македонија го поддржуваат Доналд Трамп или Берни Сандерс или Реџеп Таип Ердоган или Владимир Путин, тоа ќе им го олесни дејствувањето на овие организации по изборите во странските земји. Односно, ќе можат да докажат пред тамошните елити за кого биле наклонети жителите во Македонија – вели Пекевски.
Политикологот, сепак, додава дека овие активности на социјалните мрежи не се релевантни меѓу македонскиот електорат, бидејќи многу мал процент од оние што се за или против некој светски политичар, всушност, ја разбира неговата политичка агенда.

– Јас искрено верувам и дека оние што се активни во ваквите групи на Фејсбук или Твитер, во суштина ако на фотографија го видат Берни Сандерс или Џо Бајден, нема да можат ни да го препознаат – резимира Пекевски.
Комуникологот и професор Живко Андревски вели дека ангажманот на нашинците на интернет каде што се поддржуваат странски политичари говори дека добар дел од нашето општество е политизиран и опседнат со политички случувања.
Професорот вели дека во земјава, освен политизираните, има и добар дел од популацијата што е незаинтересиран во политиката и се оградува од домашните случувања.
Комуникологот објаснува дека, сепак, и покрај ваквата поделба на популацијата, тешко е да се објасни феноменот зошто Македонците се угледуваат и се идентификуваат со странските политичари во екот на политичка кампања во земјата.
– Ова како тема е сѐ уште недоволно истражена област и верувам дека науката треба во блиска иднина да го изучи и дефинира ова случување – резимира Андревски.

[email protected]