Карикатура: Нова Македонија

Неколку факти за корупцијата што (не) сте ги знаеле

Корупцијата е како константа во едно општество. Се јавува во сите цивилизации. Сепак, само во изминативе дваесетина години овој феномен започна сериозно да се истражува. Има многу различни форми, различни ефекти, како врз економијата, така и врз општеството во целина. Меѓу најчестите поттикнувачи на корупцијата се политичкиот и економскиот амбиент, професионалната етика и моралот и, секако, навиките, обичаите, традицијата и демографијата. Ефектите на корупцијата врз економијата и општеството се добро истражувани, но сепак не се целосни, Штефан Шумах

Најсликовитиот одговор на прашањето што е корупцијата како социјален, политички и економски феномен можеме да го најдеме ако на неа гледаме како на една од најтешките болести во еден организам. Заразените и болни клетки комуницираат меѓусебно, но исто така тие се во контакт и со здравите клетки. Се создаваат „крвни врски“ (читај коруптивни врски) преку кои се контаминира самиот организам (односно општество). Коруптивните клетки имаат интеракција и со имунолошкиот систем (на општеството) и ја потиснуваат неговата функција – спречувајќи да ја препознае или да ја уништи корупцијата. Една коруптивна клетка може да предизвика појава на ново коруптивно дејство и да доведе до метастази (на корупцијата). Болеста има способност за адаптација, односно да ги приспособи своите особености за да го преживее надворешниот притисок. Во текот на борбата со болеста во организмот (корупцијата), некои коруптивни клетки можат да го променат својот генетски изглед со што стануваат отпорни на овие интервенции. Ако се земе предвид ова, може да се заклучи дека наоѓањето конечно решение е многу тешко затоа што корупцијата е комплексен систем, кој постојано еволуира и се адаптира.

Кланска припадност

На корупцијата може да се гледа и како на размислување врз основа на кланската припадност (clan based thinking) што ги разградува институциите на државата. Во понапредните и поразвиени општества вработувањето во институциите е врз основа на заслугите и способностите, притоа се интервјуираат повеќе кандидати и се одбираат најдобрите без да се земат предвид личните познанства и контакти. Кланското размислување е сосема спротивно и ги отфрла најдобрите кандидати со намера да се одберат роднините – брат, вујко, чичко и сл. Ако на овој начин ја разбереме внатрешната содржина на корупцијата, тогаш многу е јасно зошто таа ги поткопува политичката, општествената и социјалната стабилност, води кон загрозување на сигурноста и безбедноста на општеството во целина, ги разградува основите на државата, владеењето на правото и предизвикува растројство на економијата.

Колапс на општеството под притисок на корупцијата

Јужна Африка покажува дека корупцијата може да доведе до колапс на општеството. Оваа африканска држава има стриктни правни легислативи со кои корупцијата, поткупот, изнудувањето и перењето пари се сметаат за кривични дела. Но и покрај законската регулатива, корупцијата во Јужна Африка се карактеризира со злоупотреба на тендерите – кога владините претставници преку склучување договор сакаат да се стекнат лична корист. Оваа практика е толку многу раширена што некои економисти велат дека ја променила политичката слика за Јужноафриканската Република и ја трансформирала од силна развојна економија, атрактивна дестинација за странски инвестиции, во нефункционална економија. Постојат повеќе примери за злоупотреба на политичката моќ. Поранешниот претседател Џејкоб Зума потроши повеќе од 20 милиони долари од државниот буџет за својот приватен дом, а од државната каса потроши 500.000 долари за возилата наменети за неговите четири жени.

Македонија има потреба од константна политика, која ќе го трансформира општеството преку ограничување на непотизмот – Фото: Маја Јаневска-Илиева

Екстремни мерки против коруптивното дејствување

Понекогаш општествата се принудени да преземат екстремни мерки против корупцијата, која предизвикува ерозија на институциите, а таков пример е Јужна Кореја. Корупцијата под јужнокорејскиот претседател Сингман Ри се карактеризираше со злоупотреба на странска помош и заеми. Корупцијата и злоупотребата на власта доведе до студентска револуција во 1960 година, а политичката нестабилност во 1961 година ја поттикна јужнокорејската армија да ја преземе власта преку воен удар. Главен организатор на државниот удар беше Ким Јонг Пил, меѓутоа по преземањето на власта од страна на армијата како лидер се издигна генерал-мајорот Пак Чон Хи. Тој е најважната јужнокорејска политичка личност во 20 век, творец на Чудото од реката Хан, кое го трансформираше јужнокорејското општество. Меѓу првите мерки на Пак Чон Хи по преземањето на власта беше одлуката за пензионирање на околу 41.000 бирократи и отпуштање на 200.000 државни службеници. Со оваа мерка, Чон Хи ја пресече неефикасната и корумпирана државна администрација, која беше создадена под власта на Сингман Ри. Суровата политика на Пак Чон Хи и авторитарен воен режим создадоа ефикасни институции, владеење на правото, модерна држава и силна економија.

Формула за Македонија – корупција минус, економски раст плус-плус

Според извештајот на Светска банка од 2018 година, Македонија заостанува зад другите држави во поглед на управувањето, политичката стабилност, гласноста, отчетноста, владеењето на правото и контролата на корупцијата. Следствено, тоа се одразува на македонскиот економскиот раст, кој е понизок во споредба со соседните држави.

За споредба, во 1995 година, македонската економијата имаше речиси ист обем како и економијата на Летонија, но во 2017 година БДП по жител во Летонија беше двапати поголем во однос на македонскиот. Од 2000 година, македонскиот годишен раст на БДП во просек изнесуваше 2,8 отсто и со оваа стапка на раст, никогаш нема да го достигне просекот на раст на БДП, дури и земјите на ЕУ да имаат минимален раст од 1 до 2 отсто. На Македонија ѝ треба минимум 10 отсто за во наредните педесетина години да го стигне просекот на ЕУ, под услов земјите на ЕУ да немаат раст поголем од 2 отсто. За да се постигне ова, мора да се преиспита сегашниот развоен пристап, кој остварува скромни резултати во поглед на растот на БДП, намалувањето на сиромаштијата и консолидирањето на средната класа.

Македонија има потреба од константна политика, која ќе го трансформира општеството преку ограничување на непотизмот и развој на институциите, кои ќе го промовираат квалитетот врз основа на способноста и образованието. Во сегашната состојба тоа може да се постигне преку консензус на сите чинители во македонската држава – политичките партии, бизнис-секторот и етничките заедници.
Политичката спогодба врз основа на согласност на сите заинтересирани страни ќе води кон стабилна и модерна македонска држава, која ќе биде одговорна пред сите граѓани и ќе го почитува владеењето на правото, но би создала и услови за економски раст од 8 отсто или повеќе со што Македонија многу побргу ќе се доближи до стандардите на Европската Унија.