Центарот за слобода-Цивил денеска преку соопштение информира дека повторно поднеле барање за пристап до информации од јавен карактер до Државната изборна комисија. 

– Цивил поднесе обновено барање, со скратена листа прашања и тоа оние прашања кои се однесуваат на јавните набавки, вклучително и мобилните телефони за членовите на ДИК, патните трошоци и репрезентацијата. Цивил ја потсети оваа институција на законската обврска да ги објавува финансиските извештаи на својата веб-страница, се вели во соопштението од Цивил. 

Државната изборна комисија има обврска најдоцна 30 дена од приемот на барањето да одговори позитивно или негативно по барањето на Цивил. 

Од Цивил потсетуваат дека претходно поднеле барање за информации од јавен карактер за трошењето јавни пари за 2016 и 2017 година во октомври 2017 година. Дел од прашањата, како што велат, се однесуваа на висината на поединечните месечни примања, бонусите, мобилните телефони, набавките и други прашања поврзани со законитоста на работењето на поранешните членови на Државната изборна комисија, како и за годишните буџети за 2016 и 2017. Одговорот од ДИК, како што се наведува, беше дека нашите барања не се информации од јавен карактер.