Причините за демографските движења со карактеристики на забрзана депопулација и одлив на населението се предмет на разновидни анализи и толкувања. Деновиве свое видување за оваа проблематика на Балканот дадоа две релевантни меѓународни институции: Американската разузнавачка агенција (ЦИА) и Генералниот директорат на Европската комисија задолжен за статистика (Евростат).

Кои се бројките на американската ЦИА?

Во последните од низата анализи се наведува дека државите на Балканот, со исклучок на Словенија, се соочуваат со негативен тренд на намалување на бројот на своето население и со миграции и иселување на граѓаните. Ова се загрижувачките податоци што се објавени на веб-страницата на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), во истражување што го објави балканскиот информативен разгранок на Ал џезира, насловен Мапа на миграцијата во Европа. Во секцијата на анализата, во делот на интерактивната мапа се запишани информации за 46 различни европски земји, меѓу кои и Македонија, и се заклучува дека во најголем дел населението на земјите од нашиот регион се намалува, и тоа се иселува во странство, за разлика од земјите како Луксембург, Кипар, Малта, Шпанија и Сан Марино, каде што, пак, се забележани позитивни промени на салдото на населението, но и нема регистрирано голем број миграции и иселувања. Според тоа истражување, најголем пад на населението на Балканот е регистриран во Црна Гора, каде што приближно има петмина иселени на 1.000 граѓани, на второ место е Албанија (-3,30 отсто), следено од Косово (-2,6), Хрватска (-1,4), Босна и Херцеговина (-0,4), Бугарија (-0,3). Србија, пак, има миграциско салдо нула, односно нема ниту пад ниту пораст на бројот на населението, иако е регистрирано значително иселување од државата. Македонија има ниска стапка на пораст од 0,1 отсто. Во делот наменет за Македонија, пак, на веб-страницата е запишано дека, според последните информации од 2018 година, имаме позитивен прираст на бројот на населението од 0,1 отсто, но истовремено имаме регистрирано миграции и иселување од 0,7 проценти на стапка од 1.000 граѓани. Во податоците на ЦИА пишува и дека нашата држава во моментов има вкупно население од 2.118.946 милиони граѓани.

Што покажуваат бројките на Евростат?

Од друга страна, слични но сепак различни податоци на истава тема неодамна објави и Евростат. Според податоците на Евростат, од Македонија лани во земјите на ЕУ заминале над 24 илјади лица, најмногу во Германија. Од шесте земји на Западен Балкан, во земјите на ЕУ само минатата година се отселиле 228.000 жители, покажуваат податоците од оваа реномирана меѓународна институција. Најмногу иселеници во ЕУ заминале од Албанија, 62.000, потоа од БиХ – 53.000, како и 51.000 Срби. Од територијата на Косово се иселиле 34.500 луѓе, а од Македонија 24.300, додека од Црна Гора 3.000. Од Албанија најголем број граѓани се иселиле во Италија (23.000), во Грција (17.000) и во Германија (10.000). Од БиХ, најмногу заминале за Германија (16.000), а другите во Словенија и во Хрватска. Од Србија минатата година најмногу граѓани се иселиле во Германија (16.000), потоа во Словенија (5.100), а во Хрватска и Словачка има по 4.900 иселеници.
Од Македонија најмногу луѓе се отселиле во Германија – 11.500, а потоа следуваат Италија и Словенија.

Попис организиран од нашите надлежни институции е повеќе од потребен

Демографот и поранешен директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски, вели дека ваквите загрижувачки информации што се повикуваат на ЦИА кореспондираат со слични претходно направени анализи на Светска банка, ММФ на Обединетите нации, но и на многу други меѓународни организации и невладини и владини институции.
– Постојат многу истражувања на странски меѓународни институции во светот, како ММФ, Евростат, ЦИА или Светската бакна, кои се занимаваат со процена на миграцијата на населението во земјите од светот. Речиси повеќето од нив податоците ги темелат врз основа на легално пријавените државјани во странските земји, особено во ЕУ. Проблемот што настанува во различноста на бројките на нивните анализи од една до друга институција е тоа што тие податоци сега, говорам за Македонија, не можат да се проверат, односно споредат со податоците на домашните институции за статистика. Иако бројките се менливи во тие анализи, штетата кај нас е тоа што ние самите немаме податоци за ваквите миграции и податоците што ги согледуваме во овие извештаи. Информациите глобално ги добиваме однадвор наместо ние да располагаме со нив. Во таа насока, според мене, неминовен е попис на населението, кој е закажан за 2020 година, во сите параметри, со што би се добиле релевантни податоци и би се направил пресек со кој ние утре како држава би можеле да ги оспориме или потврдиме во иднина овие извештаи на меѓународните институции во кои се спомнуваме или сме предмет на анализа – објаснува демографот Дончо Герасимовски.
Според Герасимовски, покрај пописот, на државава ѝ недостига и национална стратегија на населението, за која тој лично се залага, но досега ниедна влада не презела ништо конкретно во таа насока. Како што наведува Герасимовски, миграцијата и иселувањето на луѓето од државите од нашиот регион се должат на многу фактори – економијата, политичките влијанија, непредвидливоста на економските текови и правната регулатива за тоа, малите можности за квалитетно образование, слабата поттикнувачка сила и можности што може да ги овозможи државата за бизнисот, слабите можности за успех во кариерата, ниските плати, силното влијание на султан-партиите и корупцијата, па дури и несигурната безбедносна клима…

Фото: Игор Бансколиев

[email protected]