Фото: Игор Бансколиев



Во хуманитарната мисија на ликовниот уметник Живко Поповски – Цветин по повод 8 Март денеска не беа заборавени и нашите највозрасни сограѓани. На средбата со нив, неколкумина на шега спомнаа дека се врсници на весникот „Нова Македонија“, кој годинава одбележува 75 години постоење. Цветин во соработка со весникот „Нова Македонија“ донираше свои дела и на лицата од домот за нега на стари лица „Сончев дом“ во Скопје.

Цвеќето кое Цветин го поврзува со мирот и љубовта, како најважна и основна потреба на човештвото за да живее поубаво и среќно, денеска им беше подарено и на оние кои цел живот дарувале на своите деца и семејствата – мајките и жените од домовите за стари лица.

Според Цветин сите мајки заслужуваат почит и треба да им се посвети внимание кога најмногу им е потребно.

Како одговор на неговиот хуман гест беше нескриената радост што ја доби од пензионерите во домот кои искажаа благодарност за вниманието кое им беше подарено. Покрај подароците Цветин не пензионерките им ја посвети песната „Ружа“ за која Блаже Конески бил инспириран токму од цвеќињата кои тој со леснотија ги црта.

-Над 35 години подарувам слики низ целиот свет, посебно тоа го правам во денови поврзани со раѓањето и со мајката. Мајката е стожер на семејството, таа е поврзана со симболот цвеќе. Таа на светот ни донесува цвеќиња- децата, а и таа самата е цвеќе и затоа е толку многу значајна. Цвеќето го поврзувам со мирот, како најважна и основна потреба на човештвото за да живее поубаво и посреќно- вели Поповски – Цветин.

Ликовниот уметник има подарено над 55.000 слики низ целиот свет и скоро за сите празници или важни настани подарува од своите цвеќиња на оние на кои им е најпотребно внимание и поддршка.

Поврзаноста на Цветин со уметноста датира уште од неговата 12-та година, но интензивно започнува да се занимава со сликарството во 1970-тите. Љубовта и хуманоста кај Цветин била препознаена и од многу познати личности меѓу кои и скопјанката Мајка Тереза од која Цветин добил повратно писмо, кое за него било дополнителна мотивација за неговото дело.

Живко Поповски за својата хумана мисија во 2009 година бил кандидиран за Нобеловата награда за мир каде бил во најтесниот избор на 30 кандидати заедно со врвни имиња како Барак Обама, Хелмут Кол, Џорџ Буш, Тони Блер. Освен тоа, Поповски конкурирал и за Гинис откако насликал слика долга 1001 метар, посветена на 1001-та годишнина од ослепувањето на Самуиловите војници.