За  два месеца во Програмата „Гаранција за млади“ се вклучени 700 лица во општините Струмица, Скопје и Гостивар, каде се реализира оваа програма како пилот проект, информираше министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска на денешниот отворен ден со млади невработени лица, што се одржа во Струмица.

Таа истакна дека  програмата ги надминала очекувањата и младите искажуваат голем интерес за неа.

– Почнуваме со увид во состојбите во Струмица, затоа што оваа програма ги надмина нашите очекувања и за само два месеца се вклучени 700 лица во трите градови, од кои 123 веќе се во работен однос – рече министерката за труд и социјална политика. 

Додаде дека за 640 е напревен индивидуален план за вработување, 220 веќе биле вклучени во други услуги за вработување како што се: мотивациски обуки, обуки за барање работа, професионална ориентација и кариерно советување.