Фокусот на активностите на Министерството за труд и социјална политика е заштита на идните пензионери и намалување на дефицитот во ПИОМ. Остануваме на истиот став – возрасната граница за пензионирање нема да се поместува.

Ова денеска го изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, во одговор на новинарско прашање до каде е реформата што се најавувала за решавање на финансискиот дефицит во ПИОМ.

– Се додека немаме конечна позиција нема да излеземе во јавност. Важно е да се напомене дека и сегашните пензионери се безбедни. Пензии имаме, исплатата на пензии е редовна. Двапати годишно како што ветивме така и правиме, ги усогласуваме пензиите со трошоците за живот и растот на плати, и токму затоа има и постојан раст на пензиите, посочи Царовска.

Истакна оти смета дека во моментов нема потреба од дополнителен притисок по ова прашање, и оти напротив сите заедно треба да донесеме одлука кога е најдобро да се направи истото, и тоа ќе претрпи законски измени и целиот систем ќе се стабилизира.

– Остануваме на истиот став – возрасната граница за пензионирање нема да се поместува. Сите други адаптации што ќе се прават нема да бидат на штета на никого, туку сите заедно да инвестираме во еден подобар систем. Не би дала рок важно е да сме на сигурно кога една реформа се прави да сме согласни дека нема дилеми дека на крајот ќе имаме стабилен пензиски систем што се грижи и за сегашните пензионери и за идните пензионери, додаде Царовска.