М-р Даница Стојанова од неодамна е назначена за директорка на државното музичко училиште „Илија Николовски – Луј“. Ова е едно од државните училишта на кои директор назначува директно Министерството за образование и наука, односно министерката Мила Царовска.

– Оваа година беше полна со предизвици како за сите, така и за ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, училиште од посебен интерес за државата, со долгогодишна традиција и расадник на музички и балетски таленти. Во време пандемија и образовни превирања во општеството, училиштето стана позитивен општествен пример за соработка со МОН. МОН несебично излезе во пресрет и имаше голем слух за време на предлог концепцијата за образовните реформи. Со довербата и позитивниот демократски став, се согласивме дека формата и фондот на часови по предметите музичко и ликовно од 6-то до 9-то одделение не треба да се менуваат. МОН покажаа вистинско интересирање и поддршка на нашето училиште, кое беше во голема криза со претходното раководство. Со назначувањето на директорката м-р Даница Стојанова, се направи првиот чекор во оваа држава, за департизација на образованието – вели Светлана Димитриевска, актуелна раководителка на пијано класата.

Таа потенцира дека и останатите раководители се департизирани и максимално посветени на работата и уметноста.

– Ова е голем чекор за МОН, за нашето општество и огромна мотивација за сите нас од училиштето. Веруваме дека повторно ќе се врати позитивната енергија, а тоа веќе и се чувствува меѓу колегите, ќе се воздигне креативноста, меѓучовечките односи и почитта – додава Димитриевска. А.П.