Министерството за образование и наука продолжува да ги јакне стручните служби во средните училишта, кои освен што се важни за обезбедување на квалитетен воспитно-образовен процес, треба да бидат и поддршка во сочувувањето на менталното здравје на учениците, изјави министерката за образование и наука, Мила Царовска.

Во поздравното обраќање на вебинарот наменет за стручни соработници од средните училишта, Царовска истакна дека многу е важно преку меѓусебна соработка да се зајакне работата на стручната служба во училиштата која што е стожер во процесот на планирање, организација и спроведување на воспитно-образовниот процес

– Психолозите, педагозите и другите стручни соработници ни се важни во образовниот процес и сочувувањето на менталното здравје на учениците, не само во време на пандемија, туку воопшто низ целиот едукативен процес. Само со квалитетни стручни служби можеме да обезбедиме квалитетно образование и затоа континуирано ќе работиме на јакнење на оваа значајна служба – рече Царовска.

На вебинарот беа презентирани Протоколите за работа во услови на пандемија. За начинот на организација и работа на училишните стручни служби во вонредни услови, кога дел од воспитно образовниот процес се одвива онлајн, а дел со физичко присуство на учениците во училиштата, говореа искусни педагози, психолози и специјални едукатори.

Онлајн обуката е организирана од Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ.