Пристапот до квалитетно образование е најдобрата превенција од сиромаштијата, затоа како министерка ја продолжувам мојата силна заложба за искоренување на сиромаштијата и подобрување на условите за учење во државата. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска во видео обраќањето по повод одбележувањето на 17 октомври -Меѓународниот ден за борба против сиромаштија.

– Немањето пристап до добро образование е директно поврзано со сиромаштијата. Наш врвен приоритет е да обезбедиме еднаков пристап до учење на сите деца и да го подобриме квалитетот на целиот образовен процес преку низа реформи. Со ова директно ќе ги подобриме шансите за развој, вклучување во општеството на секое дете и негово вработување по завршувањето на образованието – рече Царовска.

Годинешниот Меѓународен ден за искоренување на сиромаштијата го дочекуваме во исклучителни услови. Светската пандемија дополнително го истакна социјалниот јаз во земјите и потребата да вложуваме во образованието за да ја намалиме сиромаштијата.

– МОН ги повикува сите партнери да продолжиме да работиме неуморно за да ги совладаме сите предизвици. Да ги исправиме сите неправди и да овозможиме еднаков пристап до квалитетно образование за секое дете. Пред нас е многу работа и многу реформи кои мора да ги спроведеме час поскоро. Пандемијата ни го отежнува секојдневниот живот и работењето, но ни помогна во неколку работи. Да ја забрзаме дигитализација, да ги забрзаме реформите и да го раздвижиме целиот образовен систем – рече Царовска во обраќањето.

Министерката Царовска по повод 17 октомври минатата недела го посети ОУ „Панајот Гиновски“ во Општина Бутел кадешто со првачињата читаа сликовници со едукативни содржини и разговараа за тоа колку учењето е важно.