Забрзана динамика на излегување на децата од големите институции, особено на бебињата од „Мајчин дом“ – Битола е фокусот за годинава на Министерството за труд и социјална политика во процесот на деинституционализација. Освен „Мајчин дом“ наскоро целосно треба да биде трансформирана и установата „Бања Банско“, а корисниците сместени во станбени единици ќе добијат поддршка за самостојно живеење.

Како што соопшти МТСП, ова е договорено на денешниот координативен состанок на кој е презентиран планот за деинституционализација за следниот период. На состанокот присуствувале министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, в.д. координаторот на агенциите на ОН и преставник на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, како и преставници од Европската делегација.

– Раното учење е најважно за понатамошниот развој на децата. Затоа ќе направиме сѐ што повеќе бебиња од институциите да заминат во згрижувачки семејства каде ќе добијат топол дом, нега и љубов. Затоа нашата цел како Влада која што се грижи за секој во општеството годинава е „Мајчин дом“ целосно да се трансформира. Со заедничката кампања со УНИЦЕФ имаме создадено одлична база на над 100 згрижувачки семејста кои ќе се грижат за децата и верувам дека и други семејства ќе го отворат својот дом – рекла министерката Царовска.

Преставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс истакнал дека тие како партнери, даваат силна и безрезервна поддршка на целиот процес на деинституционализација.

– Во 2018 беа постигнати одлични резултати во процесот на деинституционализација и ја поздравувам одлуката што оваа година фокусот ќе биде ставен на забрзување на реформите за деца под 3 години. Без разлика колку се посветени, грижливи и професионални, вработените во институциите не можат да го дадат она внимание што е потребно за да им се помогне на децата во најкритичните години од нивниот развој. Само опкружување слично на семејното може да му даде на детето чувство на сигурност, идентитет, припадност и љубов кои му требаат за да напредува – рекол Перкс, стои во соопштението.

Во изминатиот период бројот на деца до 18 годишна возраст сместени во институции е намален за 60 проценти. Во Специјалниот завод „Демир Капија“, се подвлекува во соопштението, повеќе нема деца на возраст до 18 години, а целосно се трансформирани и домовите „11 Октомври“ и „25 Мај“. Децата се сместени во мали групни домови во Скопје, Неготино, Тимјаник и Штип, а дел се здомени кај згрижувачи.

Целата на Министерството за труд и социјална политика, де наведува во соопштението, е да ги трансформира големите институции за што Владата усвои Национална стратегија за деинституционализација 2018-2027 година. Акцискиот план е веќе на сила, што јасно се утврдени потребните чекори, показателите за успех и потребните средства за надлежните институции и чинители во процесот.