Единствената национална платформа за онлајн настава нема наставниците и учениците совршено да ја знаат од првиот ден на училишната година, но таа ќе стане алатка што ќе се користи не само во услови на пандемија, туку и наредните години и ќе значи унапредување на образованието, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во гостувањето во дневникот на ТВ Сител, објаснувајќи како ќе се одвива учебната 2020/2021 година.

– Се што правиме сега го унапредува образованието воопшто. Не е ова само состојба којашто сакаме да ја надминеме, па по секоја цена правиме платформа. Оваа платформа ја градиме сега, ништо нема да биде совршено оваа година, тоа морам искрено да го кажам, но градиме чекор плус во нашиот образовен систем со тоа што поставуваме една алатка којашто ќе им служи на сите наставници. Верувам дека во наредните неколку месеци сите ќе сакаат да работат на неа. Посебно децата, затоа што ќе биде едноставна, ќе имаат распоред, ќе можат да имаат двонасочна комуникација со наставникот, ќе имаат линкови, презентации и сето тоа полека ќе се усовршува и полека ќе се доградува – посочи министерската Царовска.

Секаде каде условите го дозволуваат тоа, ќе се реализира настава од училница. Преку платформата ќе има можност да се следи кој од наставниците се вклучил на платформата и на кој начин го одржал часот.

– Пристап до платформата ќе имаат и Државниот просветен инспекторат и Бирото за развој на образование, како две институции што треба да го следат квалитетот на образованието. И за разлика од претходната година, исто така воведуваме можност за валидација на знаење со физичко присуство, за да ги мотивираме и наставниците и учениците, коишто следат онлајн настава, да научат повеќе, да се стекнат со повеќе знаење, коешто натаму ќе биде оценето – укажа Царовска.

Единствената национална платформа за онлајн настава веќе е во драфт верзија и министерката рече дека јавноста многу скоро ќе ја види. Таа ќе биде едноставна за употреба и ќе значи дигитализација на образовниот процес. Во моментов се подготвуваат наставници кои ќе бидат мастер-тренери кон другите наставници во нивните училишта.


Училиштата се подготвуваат за старт на учебната година и со физичко присуство и со онлајн настава

Училиштата се подготвуваат за старт на учебната година и со физичко присуство и за
онлајн настава, рече министерката за образование и наука Мила Царовска вечерва во
интервју во дневникот на телевизија Сител.

– Мислам дека е важно сите училишта, сите градоначалници да се на ниво на задачата и да обезбедат онлајн учење, што значи дека националната платформа ние ја подготвуваме, а тие треба да обезбедат ИТ уреди и интернет пристап за да можеме во
секој момент кога ќе се случи нешто, или ќе имаме можеби промена на епидемиолошката состојба сите деца да ги префрлиме на онлајн учење. Инаку од прво до трето одделение сега се подготвуваат за со физичко присуство во согласност со сите протоколи и во согласност со Комисијата за заразни болести. За тоа ќе направиме и јавна презентација како би изгледал еден ден за учење со физичко присуство според
протоколите – рече Царовска.

Таа истакна дека сите треба да знаеме дека одлуката за учење со физичко присуство, или онлајн учење не ја носат родителите, туку владината комисија којашто ќе одлучува согласно протоколите.