Правото на образование е основно човеково и уставно загарантирано право на секој поединец и тоа мора да му биде овозможено. За актуелната Влада и МОН, оваа цел е врвен приоритет и ние сме максимално насочени кон обезбедување целосно инклузивно образование. Ова го истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска, на онлајн-средбата со здруженијата на родители на деца со атипичен развој, која денес беше организирана со цел да се чујат размислувањата во однос на образовниот систем и неговата инклузивност, како и во однос на искуствата, предизвиците, проблемите, но и да се предложат можни решенија од страна на родителите за подобрување на образовниот процес во тој дел.

Осврнувајќи се на новото законско решение за изработка и употреба на учебници, Царовска истакна дека за да бидат учебниците и другите наставни и дидактички материјали достапни за учениците со попреченост, нивната електронска форма треба да ги задоволи стандардите за е-пристапност.

– Во новиот Закон за учебниците обрнуваме особено внимание на пристапноста и на достапноста на наставниот материјал. За учениците во основното образование, учебниците задолжително ќе се поставуваат и во аудиоформат на интернет-платформата, а за учениците со оштетен вид Министерството за образование и наука ќе обезбедува учебници испечатени со Брајово писмо. Исто така, со поддршка на УНДП во тек е подготовка на читач за екрани на македонски и албански јазик, кој треба да биде готов до септември 2021 година – посочи Царовска.

Советникот во МОН задолжен за следење и унапредување на процесот на инклузија, Душан Томшиќ, истакна дека Министерството првпат системски ја воведува услугата образовна асистенција како еден од предусловите за обезбедување инклузивно образование. Образовната асистенција ќе се испорачува во согласност со Законот за основното образование, ќе се финансира од буџетот на РСМ, односно преку буџетот на МОН за 2021 година, за што се обезбедени финансиски средства во висина од 59 милиони денари.

Информира и дека во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во мај почнуваат обуките на кадарот во посебните училишта, односно тренинг за тренери за образовни асистенти, кои понатаму треба да ја спроведат обуката на образовните асистенти што ќе бидат селектирани. Во наредниот период ќе се одржат и обуки за наставниците во чии паралелки ќе бидат вклучени овие ученици.

На состанокот беше посочено и дека во согласност со новиот Закон за основното образование, специјалните училишта, односно училиштата во кои се воспитуваат и образоваат ученици со попреченост, добиваат и дополнителна дејност, односно се трансформираат во ресурсни центри, со што ќе се овозможи мобилност на веќе постојниот искусен кадар да дава поддршка на инклузираните ученици, како и на инклузивните тимови во редовните училишта.